Спортскиот теренец XC60 е стратешки модел на Швеѓаните. Соодветно на неговото место како најпродаван модел во гамата, тој влегува во новото моделско годиште со темелно освежување.
Редизајнираната хауба внесе големи промени во изгледот на XC60 и ја нагласува ширината на возилото, воспоставувајќи поцврста визуелна врска со патот. Црните детали на каросеријата за кои многумина забележуваа сега се лакирани и хармонично се вклопуваат со бојата на каросеријата. Промените во носот се заокружени со новите светла и со хоризонталните ламели во маската. Опција се новите бандажи со пречник од 20 инчи.

Внатрешноста исто така претрпе промени. Додадени се нови украсни панели од дрво, средишните столбови сега се обложени со платно, а рамките околу отворите за воздух и прекинувачот за светла имаат метализиран финиш. Новитет во понудата на дополнителна опрема се спортските седишта, кои го задржуваат традиционалниот комфор, но нудат поцврста странична поддршка. Задниот капак сега има три можности за отворање, преку далечинското, преку копче во светлата или со рачката на капакот.

Бројни ситни детали се подобрени. Прскалките за ветробранот се сокриени под хаубата, капакот на радарот е лакиран црно и повеќе не е толку впечатлив, додека хромираната рамка околу маската е заменета со нова, со поголемо лого на марката. Интегрираните издувни цевки кои се достапни со посилните мотори се физичка и визуелна врска со напредните погонски единици. За тоа колку педантни техничари се Швеѓаните сведочи фактот што интеграцијата на издувот го зема во предвид издолжувањето на цевките до 25 милиметри при нивно загревање.

Во поглед на техниката, новитет е тоа што контролата на тракцијата во свијоци е стандардна опрема. Системот го спречува подуправувањето со прецизно дозирање на сопирачките на внатрешните тркала, истовремено пренесувајќи повеќе сила на надворешните тркала при забрзување од свијок.
Новитет е можноста за пристап на интернет преку системот Sensus. При доплата за овој систем се добива средишен дисплеј кој реагира на допир и за прв пат дозоволува ракување и кога возачот носи ракавици. Тоа е мала, но вредна светска премиера на Volvo. Следен новитет е приспособливиот дигитален дисплеј, кој претходно дебитираше во V40, со три варијанти на приказ, односно елегантен, еко и спортски.
Швеѓаните разбираат што значи студ и сега нудат опција за греење на волан. Во комбинација со сензор за дожд може да се доплати и за греење на ветробранот. Од системите за асистенција новитет е автоматиката за долго светло. Софтверот на системот за автоматско запирање кога има пешак или велосипедист на патот е унапреден, исто како и автоматското запирање при пречка на пат, кое реагира до 50 km/h.

Најмоќната моделска изведба T6 со трилитарски мотор постигнува 304 КС и 440 њутнметри, а просечната потрошувачка е 10,7 литри бензин. Моторот секогаш е во комбинација со шестстепен автоматски менувач од втората генерација Geartronic. Со пакетот R-Line е достапен чип тјунинг од Polestar, кој на 329-те КС додава уште 25 КС. За возачите што се повеќе ориентирани кон комфор е наменет 3,2-литарскиот атмосферски бензинец со 243 КС и 320 њутнметри. XC60 е достапен и како T5 со дволитарски GTDi (Gasoline Turbocharged Direct Injection – бензинец со турбонатполнење и директно впрскување) со 240 КС и 320 њутнметри. Петцилиндарскиот турбодизел D5 има 215 КС и 440 њутнметри. Овој мотор во изведба со погон на сите тркала и мануелен менувач има просечна потрошувачка од 5,3 литри на сто километри. Потрошувачката е смалена и кај D3 со 136 КС и D4 со 163 КС, обата со автоматски менувач. Актуелната вредност е 6,0 литри. Во верзија со мануелен менувач овие дизели трошат 0,7 литри помалку.