за

„Ферарито“ од нивите: Fendt 1000 Vario

Кога оваа марка го произведе првиот трактор пред 85 години, тој имаше само 6 КС. Денес тракторите на Fendt имаат по 500 КС, возат со 66 km/h – и вредат колку Ferrari.

Германците очигледно не умеат да направат лошо возило, без разлика дали станува збор за луксузно Audi или за трактор. Fendt важи како премиум марка меѓу производителите на земјоделски машини и во минатата година од неговата фабрика излегоа близу 18.000 трактори.

За одбележувањето на 85-годишнината, Fendt ја најави новата серија 1000 Vario, којашто покрај стандардните квалитети како моќ, робусност и варијабилност, ќе ја носи и титулата на најсилен стандарден трактор во светот. Со висина од 3,6 метар и тежина од 14 тони, со којашто се вбројува меѓу полесните во класата, Fendt 1000 Vario вози со мотори со моќност до 500 КС. Моторите доаѓаат од MAN и се нудат во четири степени на моќност, во дијапазон од 380 до 500 КС.

Супертракторот на Fendt заслужува внимание. Вреди колку три Porsche 911 Turbo
Супертракторот на Fendt заслужува внимание. Вреди колку три Porsche 911 Turbo

Шестцилиндарските мотори имаат зафатнина од 12,6 литри, максималниот број на вртежи им изнесува 1.900/min и користат директно впрскување на горивото со заеднички вод под висок притисок. Вообичаено за овој тип на работни машини, импресионира вртежниот момент што достигнува до 2.500 њутнметри при само 1.000 вертежи. Преносот е преку менувач со променлив преносен однос.

Подвозјето воопшто не заостанува зад модерните автомобили: Независно водење на тркалата, системи за контрола на тракцијата, на управувањето и на стабилноста, а не недостига и контрола на стабилноста. За погон на помошните агрегати се користи хидрауличен систем со два независни круга. Две независни аксијални клипни пумпи прецизно испорачуваат притисок и проток во системот според потребите. Во него има 2.000 литри хидраулично масло, со рок на користење од 2.000 работни часови или 24 месеци.

Кабината на 1000 Vario повеќе личи на вселенски брод отколку на класичен трактор. Системот „Variotronic“ е ергономски поставен модул покрај возачот, којшто сите функции на ракување ги врши преку џојстик и дисплеј на допир. Тој помага работата да се одвива оптимално, ја следи траекторијата што му е зададена преку сателитска навигација и одржува постојана брзина. Variotronic може да се префрли во друг трактор од Fendt. Секако дека и кабината има врвна климатизација.

fendt 1000 vario 3

Vario 1000 е на врвот во многу погледи меѓу стандардните трактори, но и од него има посилни и подобри. Актуелен светски шампион во сите класи е ICH Quadttrac 620 од американската марка Case, со 692 КС и вртежен момент од 2.941 њутнметар, коишто се пренесуваат на подлогата преку четири погонски синџири. За работниот ден да му мине безгрижно, Quadtrac има резервоар за гориво од 1.900 литри.
Рекордот сепак му припаѓа на Big Bud, исто така од САД. Овој 50-тонски трактор изработен во само еден примерок во 1977 година добива погон од 16-цилиндарски дизел со зафатнина од 24 литри и моќност од 900 КС. Денес Big Bud е реставриран и со брзина од 13 km/h може да обработи еден хектар работна површина за само две и пол минути.

Цената на Vario 1000? Fendt уште не ја открива точната цена, но топ-моделот со врвна опрема сигурно ќе вреди исто колку Audi R8, Porsche 911 Turbo и Ferrari FF – не одделно, туку колку сите тие заедно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Европа дозволи iPad во замена за пилотските куфери

Microsoft ја интегрира говорната асистентка Кортана во Windows 10