Најголемиот клуб на возачи во Европа се распаѓа. По скандалот со наместеното гласање следува нов. Шефовите го користеле хеликоптерот за спасување во службени цели.
Членови на претседателскиот одбор на клубот ADAC потврдија за германските медиуми дека го користеле клупскиот хеликоптер за спасување за службени патувања. „Во минатите десет години хеликоптерот бил користен помалку од 30 пати“, се правдаат од ADAC. Клубот исто така потврди дека претседателот на здружението Петер Мајер имал повеќе службени летови во текот на еден ден во летото 2003.
Хеликоптерите на ADAC се финансирани од државни средства, од здравственото осигурување, од членовите на клубот и од донации. Во соопштение за медиумите, клубот наведува дека членовите на претседателството „се овластени како официјални лица, за службени цели да ги користат резервните летала на спасувачката служба, доколку истите се слободни.“ Во случај хеликоптерите да се користеле за друга цел освен за спасувачката служба, „тоа го преземаме во рамките на нашата претприемачка одговорност за смалување на нашите фиксни трошоци.“
ADAC е во незавидна положба откако беа откриени местењата на изборот за автомобил на годината „Жолт ангел“. Шефот на службата за односи со јавност Михаел Рамштетер призна дека пријавувал десетпати поголем број на гласачи за изборот на најпопуларните автомобили во Германија. Тој ја напушти својата функција во клубот веднаш по избивањето на скандалот.
Статусот на здружение ќе се проверува на суд
Автомобилскиот клуб сега ќе мора да се грижи и околу задржувањето на неговиот статус на здружение. Обвинувањето е отворено, а со тоа и можните последици за клубот по скандалот со наместените избори. ADAC нема долго да чека на судското решение. Со брзината на работа на германските судови, разрешницата ќе следува најдолго за еден месец.