Турски научници направија електричен автомобил, којшто неодамна ја заврши турата низ балканските земји. Pehlivan Elektrak сега треба да оди во сериско производство, потребен е само уште партнер.
Првиот електричен автомобил од Турција се врати кај своите создатели од Универзитетот во Тракија по успешно совладаната двонеделна тура по балканскиот полуостров. Автомобилот Pehlivan Elektrak ги посети Грција, Бугарија, Македонија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Пред поаѓањето на меѓународната тура, автомобилот прво мораше да го помине тестирањето од турскиот министер за трговија Булент Туфекчи, во градот Едирне во северозападниот дел од земјата, каде што се наоѓа саедиштето на Универзитетот.

Меѓународната тура низ балканските земји беше по иницијатива на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Тимот начници во моментов работи и на развој на хибриден автомобил, којшто меѓу другото ќе ги полни батериите и со помош на соларната енергија. Автомобилот именуван по традиционалните борци, доби и награда за најдобар дизајн од страна на Советот за научно и техничко истражување на Турција.
Благодарение на карбонската школка, електричниот „пеливан“ тежи само 240 килограми. Енергијата пристига од литиум-јонски батерии со капацитет доволен за 120 километри, а крајната брзина на возилото развиено од 16 студенти на Универзитетот изнесува 110 километри на час. Според турскиот министер за наука, индустрија и технологија Фикри Ишик, Pehlivan од повеќе аспекти е подобар во споредба со Tesla. Министерот посочува особено на безбедноста, односно на „структурата на софтверот“, како и на фактот што Pehlivan поседува „сопствена станица за полнење на батериите“. Притоа, високиот турски политичар мисли на моторот за продолжување на досегот, што се користи како генератор за струја откако ќе се потрошат батериите.
Турција во моментов бара соработка со партнер од автомобилската индустрија којшто ќе ги произведува електромобилите. Како потенцијален партнер се спомнува Fiat.