за

Трицилиндарски турбо со 115 КС за Opel Adam

Марката со молњата продолжува со обновувањето на понудата на мотори и го најавува 1,0-литарскиот трицилиндарец со турбонатполнење, чие прво вградување ќе биде во Adam.

Новиот мотор развиен според принципот на даунсајзинг има 115 КС и ослободува 166 њутнметри уште при 1.800 вртежи во минута. Тој е замена за 1,6-литарскиот атмосферски мотор, со сила на повлекување поголема за 30 проценти, а во исто време со потрошувачка намалена за 20 проценти. Исто како кај 1,6-литарскиот турбо од новата генерација, особено внимание е посветено во култивираноста во работата, односно во намалување на бучавоста и вибрациите.

opel adam 1.0 sidi 2

Моторот ќе проработи прво во Opel Adam, во комбинација со шестстепен менувач, исто така од нова генерација. Официјално воден како 1.0 SIDI, моторот со директно впрскување е член на новата фамилија на три и четирицилиндарски мотори конструирани врз модуларна база и зафатнина до 1,6 литар.

opel adam 1.0 sidi 4

За култивираноста се грижи балансирачко вратило што е вградено во картерот за масло, со погон преку синџир, за помека работа. Opel тврди дека со вратилото што се врти спротивно од коленастото вратило ги потиснува вообичаените вибрации на трицилинарските мотори. Другите мери за намалување на бучноста се оптимирана изолација врз и под моторот, посебна конструкција на вшмукувачката гранка и на главата на моторот, синџир за брегастите вратила со спротивни запци и зарамнет челичен картер за масло

Прскалките со по четири отвори се поставени централно над клиповите, а двофазното поместување на брегастите вратила овозможува варијабилно управување со вентилите заради оптимално снабдување на моторот со воздух. За намалување на потрошувачката придонесуваат двостепената пумпа за масло и исклучувањето на пумпата за вода додека моторот е незагреан.

opel adam 1.0 sidi 1

Со тежината од 37 килограми, новиот менувач е за 30 проценти полесен од претходниот и мошне е компактен со должината од 375 милиметри. Другите предности се куси и прецизни одови, со мала примена на сила. Првиот и вториот степен имаат синхронизација со трикратен конус, а третиот и четвртиот степен двократен конус. Овој менувач ќе се користи за моторите со вртежен момент до 220 њутнметри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Премиера: Новата генерација на Hyundai i10

Безшумни гуми од Continental