Поради ниската моќност и немирната работа, трицилиндарските мотори досега се вградуваа само во малечките возила. Во ерата на турбините и директното впрскување, тие ги освојуваат и поголемите класи.
Три е повеќе од четири. Ова ново правило важи за сé повеќе производители во автомобилската бранша. Во ерата на смалување на моторите, на таканаречениот даунсајзинг, осумцилиндарците се заменија со шестцилиндарци, а овие со четирицилиндарци. Сега доаѓа редот и на четирицилиндарците. Нивните наследници мора да се задоволат со само три комори за согорување.
Даунсајзингот досега се применуваше првенствено кај возилата од вишата и од средната класа, односно за поголемите мотори кои што се вградуваат во овие класи. Трендот на преоѓање на мотори со три цилиндри кај автомобилите од градската класа, сега ги зафаќа и компактите. Причините за овие отстапки се објаснуваат едноставно. Со намалување на бројот на цилиндри се смалува тежината на моторот, но исто така и внатрешното триење, а на тој начин дополнително се смалуваат и потрошувачката на гориво и емисијата на штетни материи.
Трицилиндарските мотори се вградуваат веќе долго време во возилата од пониските класи, во Smart и во Spark, но и во Polo, Ibiza и Fabia. Со помош на турбонатполнењето, моќноста на овие агрегати се зголемува дотолку што се овозможува нивно вградување и во поголеми возила. Во стручен жаргон, тука веќе станува збор за зголемена литарска моќност. Досегашниот стандард беа околу 110 коњски сили, додека спортските мотори извлекуваа и до 136 коњски сили од еден литар работна зафатнина. Технички е можно моќноста да се зголеми до преку 160 коњски сили.
Ford е особено активен на ова поле. Производителот од Келн ја прошири својата фамилија на мотори под името Ecoboost со трицилиндарец со работна зафатнина од еден литар и со моќност од максимално 125 коњски сили. Овој мотор моментно се вградува во повеќе модели, вклучувајќи го и компактот Focus. Иако моторот нуди моќност колку четирицилиндарец со работна зафатнина од 1,6 литар, потрошувачката на гориво според фабричките мерења се смалува за 20 проценти.
Во најштедливата верзија, Focus со моторот со зафатнина од еден литар постигнува просечна потрошувачка на гориво од 4,8 литри на сто километри, што е речиси исто колку дизелски мотор.
Големи планови со малите мотори имаат и во Volkswagen. Во студијата на спортски теренец со компактни димензии Taigun, марката од Волфсбург вгради верзија со турбонатполнење од трицилиндарскиот мотор што се користи во малечкиот Up. Сосема е извесно дека овој трицилиндарец со моќност од 110 коњски сили наскоро ќе се најде во актуелните модели на Volkswagen, и тоа, не само во спортската верзија на Up, туку и во Polo и Golf.
Другите производители исто така навреме ги открија предностите на помалите мотори. Во новиот Peugeot 208, Французите уште од старт го нудат новиот мотор со три цилиндри, а во BMW веќе се тестираат прототипи од серијата 1 задвижувани од трицилиндарски мотор. Во актуелниот стадиум од развојот, овој тест мотор постигнува моќност од 180 коњски сили од работна зафатнина од 1,5 литар.
Во сериското производство нема да се оди на толкава моќност како во фазата на тестирање на моторот. Со стартот на следната генерација на Mini, новиот мотор ќе почне да се вградува токму во овој модел. Потоа, моторот ќе се најде и под хаубата на серијата 1.
Предностите на трицилиндарците се во пониската тежина и во намаленото внатрешно триење. На тој начин може да се постигне значителна заштеда во потрошувачката на гориво. Но, како и секоја друга конструкција, и оваа има свои недостатоци. Трицилиндарците не работат толку смирено како четирицилиндарците и поради тоа, во зависност од конструкцијата, мора да се користат специјални балансирачки вратила, што од друга страна повторно ја зголемува тежината и триењето.
Покрај тоа, постои уште еден проблем, особено кај слабите и мали мотори. Исто како и секој друг мотор, кога возилото ќе се најде во рацете на купувачите во секојдневието, потрошувачката на гориво зависи првенствено од начинот на возење. Само доколку се префрлува рано во повисок степен и трицилиндарецот ретко се пушта да работи со повисок број на вртежи, може да се смета на смалување на потрошувачката на гориво во практика.