Производителите ги смалија теренците за уште еден број. Тоа е тренд што ниту еден производител не смее да си дозволи да го пропушти. Купувачите добиваат поевтин и поштедлив теренец.
Интересна е човечката природа. Секогаш бара нешто ново. Очите се ненаситни и просто се хранат со нови слики. А нив ги има многу во ова време на лесна достапност на информации потпомогнати со неизбежните маркетинг десанти. Што е тоа што го одредува изборот кај човекот? Зошто ни се допаѓа едно, а не ни се допаѓа друго? Фала му на Бога што сме сите различни и посебни, па така и производителите на автомобили се обидуваат да ни ги задоволат различните потреби.
При купување на возило, потребата не е единственото што го одредува изборот. Тука е и срцето кое знае да го прерипа разумот и да се реши за нешто повозбудливо и ирационално. Како инаку да се објасни постоењето на толку различни модели по смисол и цена, во релативно нова класа. Автомобилските производители го демнат секое слободно ќоше во меѓукласниот простор и го пополнуваат со цел можност за дополнителна заработка.
Станува збор за класата во која што веќе долго возат Yeti & Co. Класата се нарекува Mini-SUV или Mini-Crossover. Целта е да се добие корисно возило кое покрај имиџот на мини теренско возило ќе ја има и употребливоста. А намената е управување во градски услови на возење што вклучува, покрај асфалтна подлога, по некоја дупка од шахта или релативно лош пат, како и задолжителното качување на тротоари. Ова подразбира подигнато подвозје во однос на регуларните компакти и кратки каросериски превиси напред и назад. Кај некои од овие мали големци се нуди и вистински погон на сите тркала, како кај големите! Skoda Yeti, Dacia Duster, Nissan Juke, Chevrolet Trax, Opel Mokka, Toyota Urban Cruiser, Suzuki SX4 и Mini Countryman го нудат погонот на сите тркала како опција, а од друга страна моделите во доаѓање, како Peugeot 2008, Renault Captur и Ford EcoSport сакаат да поминат само со погон на една од оските. Шареноликоста оди и до таму што агрегатите кои се во понуда одат од 3 цилиндри и зафатнина од 898 cm³ кај Captur, па се до 1968 cm³ кај Yeti, а кога се работи за моќноста опсегот се движи од 82 КС кај Peugeot 2008 па сé до 211 КС кај John Cooper Works Coutryman. Ова само го покажува различниот пристап и замислата на производителите.
Каков е профилот на возилата и што ги поврзува купувачите со нивните возила?
- Skoda Yeti – Сериозен со притаен авантуристички дух, практичар без претерана желба за експонирање
- Dacia Duster – Практичар, практичар, практичар
- Nissan Juke – „Не ме интересира многу за сопатниците ама сакам да уживам во стилот и возните својства кои ги нуди возилото“
- Chevrolet Trax – „Сакам и стил и практичност и да не претеруваме со цената“
- Opel Мокка – Прочитај погоре (Traxx), плус традиција и повисока цена
- Toyota Urban Cruiser – „Toyota е нели?“
- Suzuki SX4 – „Не се грижам што мислат другите, битно ми е да уживам во истрајноста и возните својства“
- Mini Countryman – „Затоа што ми се може, а и фантастично вози и изгледа“
- Peugeot 2008 – „Живеам во градот и не ми се напушта асфалтот, OK?!“
- Renault Captur – funky, funky, funky…;
- Ford EcoSport – Не е баш Kuga ама е сличен.
Секако дека за изборот решава и цената. И во тој поглед владее широк спектар. Цените одат од 9.240 € за Duster со преден погон, без клима, до повеќе од 30,000 € за Countryman со сé што може да се посака од опрема. Изборот е огромен и човек ќе се најде на слатки маки доколку се реши за возило од оваа класа. Но, едно треба да се запомни: Разликата од 5-10% во цената меѓу два модела не смее да биде решавачки фактор за вашата одлука. Прво се поаѓа од потребите, од намената, условите на користење, но не смее да се изостават и емоциите. Сепак не се купува возило секој ден.
Кол Рејсовски
[nggallery id=59]