Токио Мотор Шоу 2015: Кабриолетот на Mini стартува од Јапонија

Mini продолжува со смената на генерациите и на салонот во Токио ја прикажува отворената изведба од новиот Mini. Димензиите пораснаа значително, патниците ќе бидат особено среќни за тоа.

Mini го претстави новото издание на „првиот премиум кабриолет во сегментот на малечките автомобили“ на салонот во Токио. Кабриолетот е следното продолжение на смената на генерациите во понудата на модели на Mini, како автомобилче за уживање под отворено небо за четворица патници. Класичните обележја во дизајнот на Mini повторно се толкувани од ново, со тркалезни предни светла и задни светла со хромирани рамки, маска во форма на шестаголник, црна рамка околу каросеријата и впечатливи странични трепкачи. Ракувањето со платнениот покрив е целосно автоматско и трае 18 секунди, до брзини од 30 километри на час. Исто како кај претходникот, може да вози и како со сончев покрив, а со посебна нарачка, покривот може да изгледа како британското знаме.

Рамката за заштита при превртување е интегрирана незабележливо и излегува автоматски при опасност. Должината на кабриолетот порасна за 98 милиметри во споредба со претходникот, ширината е поголема за 44, а висината за еден милиметар. Меѓуоскиното растојание (+28 mm) и ширината на трагата (напред +42, назад +34 mm) исто така пораснаа. Од зголемените димензии профитира првенствено просторната понуда и комфорот при седењето на сите четири седишта, но и багажникот, кој со 215 литри сега собира 55 литри повеќе од претходникот. Во стандардната опрема спаѓаат соборување на поделената задна клупа со голем отвор за долги предмети и систем за олеснување на товарањето на багажникот.

Претходна објаваКога се поправа, а кога се менува пукнато ветробранско стакло?
Следна објаваГерманските еколози тврдат и натаму дека Opel мами со дизелите

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here