за

Тест: Mitsubishi Space Star 1.0 Inform

Каде исчезна напредокот? Во последните години малечките автомобили пораснаа непотребно. Space Star ги враќа вредностите што се очекуваат од оваа класа, штедливост, лесна возливост во секојдневието, висока противвредност.

За работите да напредуваат, некогаш треба да се одземе таму каде што ќе се покаже вишок. Во димензиите на возилото, на пример. Во тежината, исто така. Mitsubishi го замени симпатичниот и оригинален Colt со автомобил што е помал и полесен од него. Тоа е заклучокот кога човек прв пат ќе се најде пред Space Star. За новите вредности на автомобилот уште никој не се прашува. Производителите во последните години нé научија да ги цениме автомобилите според големината и според дизајнот. Секоја нова генерација модели од класата на градските автомобили беше поголема и поубава од претходната. Но, дали таа беше и повредна?

Факт е дека вложувањето во дизајнот и во металот не е толку скапо колку развојот на нова технологија и воспоставувањето на нов концепт на возило. Тоа што ни се нудеше честопати беше само вложување во нова амбалажа, со истата содржина. Така се продаваат можеби чоколади, но не и автомобили. Барем не повеќе, а особено не на глобалниот пазар.

Со интелигентниот концепт Space Star е помал од другите, а има исто толку простор

Space Star има должина од 3,71 метри, односно 17 сантиметри помалку од Colt, и уште толку помалку од воспоставениот стандард во класата. Изненадувањето следува веднаш по отворањето на вратата, дури и пред да се седне зад воланот. Кабината изгледа просторна исто колку кај четириметарските каросерии и тоа се чувствува. Рационалното искористување на просторот функционира. Јасно е дека не може да се очекува Space Star да биде воедно и најпросторен во класата, но со соодносот меѓу надворешните и внатрешните димензии, тој е меѓу најдобрите.

Освен од димензиите, тежината се намали и од примената на челична ламарина со висока цврстина, потенка и полесна од обичната, од лесната конструкција на новите трицилиндарски мотори, олеснетите компоненти на подвозјето, намалениот радијатор за ладењето, помалиот издувен лонец и од пластичниот резервоар. Крајниот резултат: 845 килограми, односно 120 килограми помалку од Colt. Тоа е дури и поголема заштеда отколку кај актуелната генерација на Golf.

Олеснувањето на каросеријата и врвната аеродинамика се само подготовка за новиот 1.0 Mivec

Така само се создаде основата за натамошното оптимирање на концептот на градско возило на Јапонците. Следно беше оптимирање на аеродинамиката. Коефициентот на отпор на воздух од 0,27 е меѓу врвните вредности во класата. Срцето на целиот концепт сепак останува моторот. Под хаубата на тестираниот Space Star работи послабиот од двата нови трицилиндарци со технологијата Mivec, како што кај Mitsubishi се води системот со променлива фаза на брегастото вратило за вшмукувачкиот тракт.

Еднолитарскиот мотор работи многу посмирено и потивко од претходникот во Colt, и го ослободува типичниот звук на трицилиндарците само при посилно забрзување и влегување во последната третина од работното подрачје. Во секојдневни услови на возење, моторот со 71 КС ги покажува предностите на конструкцијата со рамномерното и суверено повлекување во најниското работно подрачје. Со соодветно залагање на возачот за штедливо возење, Space Star без проблеми го одржува градското темпо во највисокиот степен.

Системот старт-стоп е во серија, возењето во град не чини ниту децилитар повеќе

Повеќе специфика, отколку проблем на моторот е тоа што се чувствува слабост при поаѓање, односно потребно е да се притисне малку повеќе врз гасот. Сосема очекувано, оваа појава е уште поизразена при возење со вклучен клима уред или со полна искористеност на носивоста. Откако ќе научи дека на нагорнина треба да го врати менувачот во степен пониско од очекуваното, возачот ги совладал сите тајни на возењето на Space Star.

Тоа што би требало особено да се цени кај малечкиот Mitsubishi е присуството на системот старт-стоп уште како стандард. Оваа крајно едноставна, но корисна техника, што другите ја ценат дека е вредна за доплата од 200 до 300 евра, кај Space Star се добива бесплатно. Користа е во десетината проценти гориво што се заштедуваат со ставањето на моторот во мирување при чекање на семафор. Дополнително, ознаката ClearTec што е закачена на опашот на возилото вклучува гуми со намален отпор на тркалање и оптимирано полнење на акумулаторот. За надгледување на економичната работа на погонот од голема корист е еко-индикаторот, кој се состои од три светлечки диоди веднаш во видното поле во таблата со инструменти, што е многу поинтуитивно за користење од класичните стрелки за препорака за менување на степените на пренос.

Покрај потрошувачка пониска од пет литри ниту скутер не е подобар

Ефектот од сите овие мери? Просек од 4,8 литри гориво, во сите режими на возење што се предвидени во редовната тест рута на Automedia. Непосредно пред крајот на тестот, електрониката на патниот компјутер пријавуваше дури и 4,7 литри, односно само 0,1 литар повеќе од нормираната вредност во град.

На тестот се покажа и дека промената во динамиката на возење не влијае натпропорционално врз потрошувачката на гориво, а тоа значи дека при излегување на автопат, еднолитарскиот Mivec не ја зголемува жедта. Тоа е повторно придобивка од врвната аеродинамика на каросеријата.

Во возните својства Space Star не покажува намера да ги следи тркачките гени на големиот брат Evo или робусноста на Pajero. Тоа што се случува е искористување на придобивките од олеснетата каросерија. Амортизерите и пружините немаат тешка задача да ја држат каросеријата под контрола, возливоста и агилноста при нагла промена на правец се примерни, а подуправувањето што се јавува е резултат главно од еколошките гуми. Затоа повеќе се цени тивката и смирена работа на компонентите од подвозјето и од погонот, како и отсуството на шумови од стуење на ветрот.

Безбедносната опрема е на врвно ниво – ESP во серија

Во поглед на безбедноста, Space Star е голем автомобил. Во стандардниот пакет влегуваат контрола на стабилност со систем за помош при нагло запирање и контрола на тракција, како и шест воздушни перници. Во комбинација од 1,2-литарскиот Mivec со менувач со безстепен пренос се добива дури и помош при поаѓање на нагорнина.

Површна проверка е доволна да убеди во квалитетот на изработка. Линиите на заварите на каросеријата се видливи на само неколку места, двојните заптивки на вратите го спречуваат продирањето на звуците од струењето на ветрот во кабината. Дополнително, задниот капак има практична рачка за отворање место евтина брава на притискање, која е уште и добро заштитена од валката. Очигледно е дека цената на возилото не произлегува од закинување од трошоците во изработката, а уште помалку од техниката.

Најголемо и најкомфорно малечко возило или најштедлив и најевтин градски автомобил

Покрај штедливоста, цената е следниот примарен аргумент што е решавачки при изборот на ова возило. На крајот, цената е најголемата предност, малечката ѕвезда тука е најсјајна, а особено кога ќе се земе во предвид противвредноста. Покрај непроценливиот безбедносен пакет, во основната моделска изведба следуваат клима уред, електрика за предните прозорци и за ретровизорите, централна брава со далечинска команда, радио со приклучок USB и поддршка за MP3, патен компјутер, висинско местење на возачкото седиште, поделена задна клупа.

Дури и ситните детали за кои неретко се доплаќа во класата или воопшто не се достапни во понудениот основен модел, а тоа вознемирува дотолку повеќе, се присутни во нивото Inform: Светло во багажникот, трет потпирач за глава назад или полица за багажникот. Во оваа изведба наследникот на Colt чини 8.690 евра, вклучувајќи го промотивниот попуст од 1.000 евра. Обожувателите на малечките автомобили веројатно ќе посегнат по посилната и веќе луксузна верзија на Space Star, со 1,2-литарец со 80 КС, ниво Intense и цена од 10.990 евра. Во неговата понуда влегуваат уште автоматски клима уред, алу-бандажи од 15 инчи, кожа на воланот и на рачката на менувачот, електрика за задните прозорци, греење на ретровизорите, магленки, автоматика на светла и бришачи, неколку дополнително украсни елементи во каросеријата и во кокпитот и пристап и стартување без клуч.

[nggallery id=76]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Сега и Bentley има 608 коњски сили за трка

Datsun Go ќе се продава за 5000 евра – во Русија и Индија