за

Тест: Mitsubishi Outlander 2.2 DI-D Instyle Navi

Претходникот беше премногу карактерен за да убеди поширок круг купувачи. Тој беше тркач меѓу спортските теренци. Конкурентите нудеа други вредности и продаваа повеќе. Но, Mitsubishi учи брзо.

Познавачите се едногласни околу впечатоците од појавата на новиот Outlander. Претходникот изгледаше многу повпечатливо и попрепознатливо, со острите линии на каросеријата, кои ја нагласуваа неговата динамика и моќ. Каква ли заблуда е тоа! Да можеше да не биде толку впечатлив. Два дена едноподруго, новиот спортски теренец на марката со дијамантите го пречекувавме или со ливче закачено на бришачот или со блокада на тркало. Зарем тоа може да се случи со возило што е невпечатливо?

Привлекува со манирите, не со агресивноста

Outlander е повеќе како англиски благородник. Тој не мора да се носи скапо или отмено, но по ставот и уште повеќе по манирите се препознава дека се работи за сина крв. Во надворешноста на Outlander нема ниту еден детаљ што би укажал или барем би навел на погрешен заклучок за мисијата на возилото. Тој не е ниту агресивен, ниту оддава моќ која што ќе ги заплаши помалите од него, не е ниту лимузина. Само е совршен, испеглан, измазнет. Благородник.

Сега веќе може да се забележи дека се работи за комплетно нов дизајнерски правец на Mitsubishi. Дизајнерите доследно ја преточиле својата приказна во линиите на каросеријата на Outlander. Горниот раб на предните светла, на пример, е во совршена линија со маската, а истата линија продолжува и по страниците на каросеријата. Маската прикажува големо лого во средината, а под неа е уште една маска, која донекаде внесува спортска нота во појавата. Слична е играта со линиите и во опашот. Овој Outlander изгледа добро.

Кросовер или спортски теренец? Сеедно

Малку дискусија и околу типот на возилото. Едните велат дека се работи за кросовер од комби со зголемено растојание од подлогата, други пак остануваат цврсто на ставот дека вонземјанинот на Mitsubishi е спортски теренец од компактната класа. Сите се во право. Како и кај сите други возила од класата, во основата е лимузинска платформа, која што е поткачена повисоко од подлогата и тоа е сосема доволно за одреден круг купувачи, на кои што дури и погонот на сите тркала не им е задолжителен.

На македонскиот пазар, Outlander доаѓа исклучиво со дизелскиот мотор со зафатнина од 2,2 литри, со моќност од 150 КС и во комбинација со погон на сите тркала. Поевтините моделски верзии со погон напред и со бензински мотор од два литри не се нудат. Но, покрај стартната цена од 28.980 евра, со ниво на опрема Intense, кое што беше второ ниво кај претходникот, вистина и нема потреба човек да се откажува од погонот на сите тркала, кој кога-тогаш ќе затреба.

Поважно од присуството на растечкиот пазар на спортски теренци е само да се заграби колку е можно поголем дел од колачот. А, новиот Outlander, трет по ред, тоа ќе го постигнува со поголемата штедливост, подобрениот комфор, квалитетот на изработката и со возните својства на семејна лимузина. Сето тоа може да се провери.

Иако Mitsubishi беше еден од првите производители што го насетија трендот на спортски теренци и реагираше навремено, неговиот Outlander не го достигна нивото на продажба на глобалниот пазар како некои од моделите од конкуренцијата. Возилото во секој случај беше солидно, меѓу другото тоа го носеше и логото на Peugeot и Citroen. Но, неколку нешта недостигаа. Префинетост во стилот и во завршната изработка, на пример.

Голем напредок во квалитетот на изработка и во применетите материјали

Тоа се промени. Outlander зрачи со претставителност и со премиум нишка во внатрешноста. Квалитетот на изработката може да се види со око, и уште подобро, може да се почувствува под прстите. Голем дел од кокпитот е обложен со мека пластика, неколку површини создаваат вкусен контраст со сјајното лакирање во црна боја, копчињата имаат јасно дефинирана точка на притискање. Тоа е неколку светлосни години понапред од претходникот.

Дури на човек би му станало непријатно само од помислата дека со овој автомобил би можел да се валка во кал или да седне зад воланот со извалкани чизми. Outlander, секако, е способен да вози и во кал, покрај фактот што автоматскиот погон на сите тркала немаше проблеми да се докаже уште во претходникот.

Неколку моменти од старата школа, сепак, останале. Левиот отвор за проветрување во светликавата лајсна пред совозачот изгледа како да е вграден отпосле, топката на рачката на менувачот сé уште изгледа премногу обично, а од волшебството при соборувањето на задната клупа повеќе нема ниту трага. Претходникот сам ја соборуваше и потоа ја исправуваше склопената клупа со само едно повлекување рачка од багажникот, а кај овој е потребно претходно да се подигне седечката површина, па дури потоа да се собори горната половина од клупата.

Тоа е мачна процедура, но како што наведуваат од Mitsubishi, на овој начин се постигнува поголема должина на товарниот простор при соборена клупа. Во право се. Подобрување има во третиот ред седишта. Порано тие изгледаа како полски столчиња, со непријатна положба при седење и со малку простор дури и за деца. Сега има нешто што повеќе наликува на седиште, а има и дополнително простор, но далеку е од тоа дека патниците во последната клупа нема да се чувствуваат неказнети.

2.2 DI-D и натаму е шлагот на тортата

Затоа, пак, Outlander отсекогаш поседувал внатрешни вредности, а особено по замената на стариот дволитарец од Volkswagen со 2,2-литарскиот дизел со варијабилна работа на брегастото вратило Mivec. Моторот и натаму е шлагот на тортата во новиот Mitsubishi. Без какво било напрегање и со впечатлива култивираност во работата, четирицилиндарецот го повлекува возилото тешко речиси 1,7 тон толку убедливо, што никој нема да се посомнева во веродостојноста на податокот за моќноста на моторот од 150 коњски сили.

Штедливоста е следната доблест на новиот Outlander, а и таа доаѓа од моторот. Благодарение на варијабилната работа на брегастото вратило во вшмукувачкиот степен, дизелот ослободува поголем вртежен момент при ниски и средни вртежи, во споредба со дизел со класична конструкција, а тоа пак овозможува штедливо возење и во исто време доволна будност за забрзување доколку тоа го бараат условите на возење. Во задоволството при возење секако учествува и менувачот со лесните и прецизни одови, што не беше случај кај претходникот, иако по фејслифтот беше постигнат извесен напредок.

Напредокот е изоставен таму каде што тој не би требало да се случи, во цената, доколку под напредување се подразбира поскапување. Стартот е на 28.980 евра, со значително подобрено ниво на опременост, како во ставките што се релевантни за безбедноста, така и во оние што се наменети за комфор. Автоматски клима уред со две зони на регулација, мултифункциски волан, паркинг сензори, собирање на ретровизори, сето тоа е стандард во основното ниво. За 2.000 евра повеќе следува нивото Интенс+, со трет ред седишта, подвозје од 18 инли, ксенонски светла, пристап без клуч, озвучување од 710 вати и камера за рикверц. Врвното ниво Инстајл Нави, исто како на тестот, чини 34.980 евра и го заокружува премиум карактерот на возилото со кожени седишта, сончев покрив, електрика за задниот капак, навигација и уште со радарски темпомат, помош за следење лента и предупредување при судир, доколку се работи за верзија со автоматски менувач.

[box type=”shadow” ]Вонзенјанин со манири на благородник

Outlander или вонземјанинот на Mitsubishi сега освојува со вредности што се видливи и што можат да ги почувствуваат сите. Претходникот, со гени на Lancer Evo и со покрив од алуминиум, беше тркач меѓу спортските теренци. Овој се трка и со квалитетот, со комфорот, со култивираноста на погонската спрега, со противвредноста. Тоа што недостига е условеноста напредните системи за асистенција да се добијат само во моделската верзија со автоматски менувач. Друго нема. Ваков Outlander ќе се бори за највисоките места во продажбата.[/box]

[box type=”success” ]Исклучително култивиран мотор
Лимузински комфор на амортизација
Супериорна опременост[/box]

[box type=”error” ]Застарено соборување на задната клупа
Задниот капак не се отвора доволно високо за повисоки лица
Системите за асистенција се достапни само со автоматски менувач[/box]

За илустрација на тестот се користени фабрички фотографии од Mitsubishi Outlander.  Возилото беше отстапено на повеќедневно тест возење од МакАутоСтар – Скопје

[nggallery id=41]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сервис за брза достава со Volkswagen Amarok со 272 КС

Tesla за првпат со профит по десет години