за

Тест: Ford Mondeo 2.0 TDCi Titanium

Ford Mondeo 2.0 TDCi Titanium на тестот на Automedia.mk

Зошто Mondeo постигнува толку впечатлив настап во класата? Многу е едноставно: Затоа што Ford никогаш не направил утка со него, ниту со претходниците.

Во последните две генерации, Mondeo беше само добар голем Ford. Некако избледи неговата улога на главен носител на имиџот на марката со синото лого и моделот од средната класа го добиваше истиот третман како Focus и Fiesta. Во меѓувреме згаснаа или почнаа да згаснуваат многу моделски имиња во класата, особено во Европа. Италијанските лимузини исчезнаа целосно, француските се под знак на прашање дали ќе доживеат наследник, додека некои германски лимузини, како Opel Insignia, сé повеќе го губат чекорот со конкурентите. Но, Mondeo остана, ја задржа силата. Зошто?

Откако новаков се појави на европскиот пазар – со „мало“ задоцнување од само две години по премиерата на американскиот близнак Fusion – тој го привлече целото внимание на автомобилската сцена. Појавувањето на Mondeo во четвртата генерација е како девојка од градот што секогаш сме ја среќавале одново и одново, но никогаш досега не сме се заинтересирале особено за неа. Досега! Одненадеж, „девојката“ се појавува во нејзината полна убавина, освојувачка и занесна, за човек да не одолее да ја запознае. Сите почнуваат да се интересираат за Mondeo, да се навраќаат во некогашните времиња и да се присетуваат на историјата на моделот.

Долго време појавувањето на нов Mondeo не било проследено со толкава еуфорија

Така, Mondeo повеќе не е „само“ голем брат на Focus и Fiesta, туку повторно е наследникот на револуционерната Sierra од 1982 година и безвременскиот Taunus од периодот пред тоа, но секако и на широкоградиот Mondeo од првата генерација, како еден од моделите што најзаслужено ја понеле титулата на автомобил на годината во Европа. Појавувањето на нова генерација на модел на Ford од средната класа, уште од средината на 1990-те години, од првиот Mondeo, не било проследено со толкава еуфорија. Автомобилов буквално плени со самоувереноста, со харизмата и моќта.

Новиот Mondeo се појавува кога е најгусто во класата, заедно со новите Passat и Superb
Новиот Mondeo се појавува кога е најгусто во класата, заедно со новите Volkswagen Passat и Skoda Superb, но одлично е подготвен и за одбрана од првиот како примус во класата и за ценовниот напад од вториот

Стратезите на Ford одиграа правилно што во последните десетина години се откажаа од внесување престижна нота во имиџот на Mondeo, во време кога се менуваше соодносот во силите во класата и дел од конкурентите се изгубија во идејата да се впуштат во лов на премиум лимузините (како што се случи со Peugeot 508) или бараа нов идентитет во туѓиот (Citroen C5). Место да ги преплаши купувачите со „измислен“ премиум имиџ, Ford сервираше достапен и солиден автомобил. Продажбата остана стабилна, образот на Mondeo остана чист. Тоа е основата зошто Mondeo се појавува толку моќен во новата генерација, кога повторно заживува пазарот на лимузините од средната класа и уште постојат силни моделски имиња, како новиот Volkswagen Passat.

Формата на каросеријата потсеќа на некоја „дебела“ риба

Каков е тогаш новиот Mondeo? Ако се суди според изгледот, тој е ѕвезда во класата. Сите го забележуваат, прашуваат за него, му се восхитуваат. Вистина, со „органските“ форми во дизајнот на каросеријата, особено со рамната и висока хауба, и со зинатата муцка, знаменосецот на Ford изгледа како кит орка, или ако се фати и лутиот поглед во светлата, како ајкула. Цврстиот став произлегува и од високиот појас, со прецизно изведени и остри рабови што внесуваат движење во појавата, надополнето со дизајнерски финти тука и таму, како да се пулсирачки мускули. Дизајнот на новиот Mondeo не е само маркетиншка приказна, туку е реалност – тој едноставно изгледа … како што изгледа.

Кокпитот не се бори за врвот според изборот на изгледот на материјалите и повеќе ја почитува американската шема. Затоа, пак, наскоро пристига новото ниво Vignale, коешто ќе внесе премиум нота
Кокпитот не се бори за врвот според изборот на изгледот на материјалите и повеќе ја почитува американската шема. Затоа, пак, наскоро пристига новото ниво Vignale, коешто ќе внесе премиум нота

Како дел од стратегијата на Ford да се понуди „еден автомобил за цел свет“, внатрешноста на Mondeo повеќе ја следи американската отколку европската шема, со едноставно изведени површини во кокпитот и материјали што не се „позајмени од највисоката класа“, но барем во квалитетот на изработката се забележува голем напредок во споредба со претходникот. Според првиот визуелен впечаток, кокпитот на Mondeo може да се нарече стандарден. Сé е во ред и во целина изгледа привлечно, недостига само оној момент „Аааа…“, когошто можеби го најавува возбудливиот надворешен дизајн. Вистината сепак се покажува малку подоцна.

Првиот впечаток во кокпитот не мора секогаш да биде пресуден

Многу модели во класата се обидуваат да го посредуваат чувството на луксузна лимузина, преку блескави и исполирани материјали или преземање стилски обележја на најголемите автомобилски икони, но сé што на крајот се случува е осознавање на „лагата“. Не може Fiat да биде Rolls-Royce и не може секој да се чувствува пријатно кога лагата тлее околу. По подолготраен престој во таква средина, неретко се случува возачот да се чувствува како лабораториски глушец изгубен во технолошка лабораторија. Најважно е сепак, како човек се чувствува во кокпитот.

Пријатно. Седиштата се пријатно меко обложени, но не и меки, правилната позиција на седење се наоѓа лесно, простор има во изобилство, како и отсекогаш во Mondeo. Во споредба со претходникот, кабината е поширока за околу пет сантиметри, иако каросеријата е три сантиметри потесна, а меѓуоскиното растојание остана непроменето, со 2,85 метри. Тука Ford постигна одлична рационализацијата на просторот.

На задната клупа исто така се седи во пријатна и просторна средина, со место за стопалата под предните седишта, на клупа на којашто телото се потпира по целата површина и со многу слободен простор околу главата – едноставно, простор во когошто возрасни патници можат да патуваат подолго. Во дното на средишната конзола конзола конечно има голема и отворена преграда, исто како и покрај лактите. Простор за одлагање на недостига, Ford очигледно умее да ги слуша желбите и критиките на возачите.

Нов концепт на ракување со прегрупирани команди и голем дисплеј

Во средишната конзола е првата од неколкуте посуштински промени во кокпитот – отсуствува класичната шема на ракување со климатизацијата и вентилацијата, како и со радиото и основните функции во возењето. Место тоа, ергономите ги прегрупураа прекинувачите и постигнаа нова функционалност којашто може да се оцени дека е среќно погодена. Сите други функции се преместени во големиот дисплеј погоре – вклучувајќи го за жал и прекинувачот за контролата на стабилност. Не е особено пријатно кога треба да се појде од лизгава подлога и допрва мора да се бара како се исклучува контролата на стабилноста во менито на дисплејот.

Напредниот систем за ракување со говорни команди е осмислен во соработка со Microsoft и нуди полна функционалност во втората генерација на Sync
Напредниот систем за ракување со говорни команди е осмислен во соработка со Microsoft и нуди полна функционалност во втората генерација на Sync

Ракувањето преку дисплејот во целина е осмислено одлично и изведено логично, со мноштво достапни функции за климатизацијата, за мобилниот телефон или радиото – веќе претходникот, впрочем, имаше достапни команди за климатизацијата преку големиот дисплеј. Како втора помош при ракувањето се нуди гласовната команда Sync 2 – во пакет за 600 евра, на којашто Ford работи многу поинтензивно од конкурентите. Температурата на работа на климатизацијата, на пример, исто така може да се намести и преку гласовна команда.

Голем дигитален дисплеј во инструмент таблата

Вториот впечатлив детал е големиот дигитален дисплеј во инструментите, којшто конечно има графика како преносните електронски уреди што ги користиме секојдневно, а воведува и нова функционалност во ракувањето со возилото. Само скалите на инструментите се класично испишано, остатокот се „креира“ дигитално. Дисплејот се состои од три подрачја: Левото за избор и прикажување на возните информации, средното за радио, навигација и телефонија, десното за помошните системи. Логично, едноставно, функционално.

На оваа „дигитализација“ се надоврзуваат двата приклучока УСБ во преградата под средишниот потпирач за рака, заедно со слот за мемориска картичка и аудио и видео приклучоци, како и 12-волтен приклучок за поголеми потрошувачи. За крај, може да се избере и бојата на амбиенталното осветлување на кабината, вклучувајќи го и просторот за нозе. Играта со светлината продолжува со диодните светилки што го осветлуваат пристапот при отклучување и при излегување од возилото, како и во диодните предни светла со полна функционалност и приспособливост, коишто се далеку од „игра“.

Подвозјето останува една од најсилните страни на Mondeo

Затоа, пак, за возачот е игра возењето на Mondeo, од една страна поради традиционалното место на големиот Ford како еден од најдинамичните модели со преден погон во средната класа, од друга страна поради безбедноста што ја нуди таквото подвозје. Напредокот во возните својства, особено во управливоста, во голем дел се потпира на електрохидрауличното управување, исто како и на преработената интегрална задна оска. Додека во градски услови на возење Mondeo се однесува како голема и комфорна лимузина, со мека и тивка амортизација што целосно ги игнорира и покрупните нерамнини во подлогата и оддава впечаток на „тешка“ лимузина што успокојува и влева доверба, на кривулест пат, лимузината се претвора во „RS“ – однекаде се скрутува амортизацијата и очекуваното странично наведнување на каросеријата едноставно не се случува, исчезнува и тежината и Mondeo како да не е лимузина од два тона се префрлува од еден во друг свијок, долго останува стабилна и нечувствителна на провокации од нагло одземање гас или силно сопирање. Тоа било и уште е најсилната страна на Mondeo, подвозјето. Лимузината, инаку, е прв модел што ја користи новата платформа CD на Ford.

Заштедата во тежината се релативизира со новата опрема

Во возните својства секако дека учествува и заштедата во тежина. Во верзијата со еднолитарскиот Ecoboost, Mondeo тежи 115 килограми помалку од моделот со 1,6-литарски бензинец во третата генерација – само од моторот доаѓаат 25 килограми. Покрај тоа, постигната е заштеда и преку примената на магнезиумска легура за капакот на багажникот, преку средишните столбови изработени од челик со висока цврстина во постапкана хидроформинг, исто како и преку најефективната мера – смалувањето на ширината на каросеријата, што кај Mondeo е постигнато без одземање на просторноста, туку напротив, со зголемување. Намалувањето во тежината сепак се релативизира со новата стандардна опрема во Mondeo.

Дволитарскиот дизел во тестираниот модел ослободува 10 КС повеќе во споредба со претходникот, односно 150 КС – дополнително е достапна и верзија со 180 КС – при непроменет вртежен момент од 320 Nm при 1.750 вртежи. Забрзувањето до сто, според Ford, скусено е за две десетинки и изнесува 9,3 секунди, додека крајната брзина од 215 km/h е за пет единици подобра во споредба со претходникот. Затоа, пак, драстична е разликата во потрошувачката, дури половина литар според фабричките мерења. Новиот Mondeo просечно треба да троши 4,4 литри, односно еден литар помалку во град (5,1 литри) и два „деци“ помалку на отворено. Покрај тоа, емисијата на СО2 е намалена за 14 единици, на 115 g/km.

Комфорен во град, динамичен на пат

Дизелот доби нов турбополнач со варијабилна геометрија, што постигнува подобро „пумпање“ на притисокот на натполнење при пониски вртежи, а преработени се и блокот и главата на моторот, системот за впрскување на горивото и пречистувањето на издувните гасови. Моторот загрева побрзо, пумпата за масло се вклучува само по потреба, заради намалување на триењето. Од летово, за дволитарскиот дизел ќе биде достапен и новиот погон на сите тркала, којшто се најавува и за новиот Focus RS…

Суверен и динамичен на долги патувања, во спој со високо ниво на комфор на патниците - тоа отсекогаш го карактеризирало Mondeo
Суверен и динамичен на долги патувања, во спој со високо ниво на комфор на патниците – тоа отсекогаш го карактеризирало Mondeo

Исто како досега, големиот дизел работи „невпечатливо“, што значи дека поаѓањето е суверено, со солидна испорака на вртежен момент при ниски вртежи, силината се ослободува рамномерно и во највисокото работно подрачје, вибрациите во работата отсуствуваат, а звукот е „присутен“, но пријатен, што добро се надоврзува на „минусот“ од три децибели во бучавата што во кабината се пренесува од подвозјето и дело е на новата интегрална оска. Во погонската спрега особено импресионира и лесниот и прецизен менувач. Субјективно може да се чини дека моторот е малку погласен одошто треба, но за тоа треба да им се верува на инженерите на Ford. Чувството при подолго возење, на крајот решава дали звукот е гласен или не. Се случувало „на слух“ потивки лимузини да предизвикаат главоболка по само стотина километри. Во тој поглед, Mondeo е сосема „безбеден“.

„Дизелскиот“ влез во Mondeo чини 23.900 евра

Основниот дизел во новиот Mondeo е 1.6 TDCi со 115 КС и цена од 23.900 евра во нивото Trend. Дволитарецот со 150 КС е поскап 4.000 евра, а обете моделски изведби се достапни и во повисокото ниво Titanium, со цена од 26.200 евра за „1.6“ и 30.200 евра за посилниот дизел. Дополнително, за 2.0 TDCi стои на избор и менувач со двојна спојка, со доплата од 2.000 евра. Тоа што Titanium го нуди повеќе од Trend, меѓу поважните ставки се стартување на копче, спортски предни седишта, алу-бандажи од 16 инчи, инструмент табла со дисплеј од 25 сантиметри, магленки и автоматика на светла и бришачи.

Погледот во списокот со дополнителна опрема го открива полниот иновациски степен на новиот Mondeo: Безбедносен пакет со следење на мртвите агли, следење лента, самостојно запирање при опасност од судир до 40 km/h и следење на будноста на возачот (1.600 евра, односно 2.800 евра заедно со диодни предни светла), систем за самостојно паркирање, заедно со систем за навигација и камера за рикверц (2.900 евра) или проспособлив темпомат за 2.300 евра. Чесен чекор е тоа што повеќето од одделните ставки во овие пакети се достапни и единечно, на пример, диодните светла може да се добијат и со доплата од 1.700 евра, место да се купува цел пакет од 2.800 евра, а има и неколку „стилски“ ставки, како бела платинеста боја во 4 слоеви за 1.600 евра, бандажи од 19 инчи и гуми 235/40 за 1.200 евра или спортски пакет (браници, маска и долна решетка, прагови) за 2.400 евра. За повообичаените ставки исто така може да се оцени чесно ниво на цени, како на пример доплата од 400 евра за бандажи од 17 инчи или предни и задни сензори за 600 евра, четири патосници за 100 евра или иновативни воздушни перници интегрирани во задните безбедносни ремени за 280 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Половина милион возила на Jeep со дефектна пумпа за гориво

Претставен новиот Ford Focus RS: Погон на сите тркала и преку 320 КС