за

Тест • Toyota Auris 1.6 Valvematic Luna

8. TOYOTA AURIS, продадени примероци 63,038 (-6.2%)

Лошите критики отсекогаш биле одлични критики. Особено кај автомобилите. Сцена од тестот, додека возилото е паркирано на прометно место. Велосипедист во придружба на девојка си коментира: „Многу е грд новиов Auris од назад“… Ако коментарот беше наменет да се чуе, а беше, подобро и не можеше да се чуе. Прво, Auris е впечатлив и очигледно е дека луѓето го забележуваат, а второ, коментаторот е сосема свесен за марката и за моделот, а уште повеќе за неговата историја.

Дека Auris е направен да биде впечатлив, направен е. Како поинаку да се протолкува онаа дизајнерска перверзија, надолжната прeчка од маската да навлекува во светлото, и на половина пат да се крене во веѓа? Да не биде сфатено погрешно, дизајнерските перверзии се позитивна појава кај автомобилите. Конкретно за критикуваниот дел од автомобилот, Auris навистина изгледа необично и нестандардно кога се гледа во опашот. Јапонски! Но, зарем некогаш некој автомобил требало да се срами затоа што потекнува од јапонска марка. Уште помалку од Toyota.

Ако се гледа по производството, пак, Auris е Британец, затоа што излегува од Бурнастон, заедно со Avensis, а ако се гледа по развојниот пристап, тој е Европеец. Компактот, противник на Golf & Co., развиен е за Европа и во најголем дел се продава во Европа. Тука од автомобилите се бара да бидат привлечни и динамични, односно со еден збор, да одушевуваат, а во исто време да бидат квалитетни, долготрајни и издржливи возила. Не случајно шефот Акио Тојота посакува неговите нови автомобили да бидат скроени по овој терк.

85 килограми помалку со примена на потенок лим со зголемена цврстина

Пред седнувањето во новиот јапонско-британски-европски компакт треба да се знае следното: Инженерите добија од Тојода работен налог да посветат особено внимание на подвозјето, на компактноста на каросеријата и на погонот. Како резултат од тоа, новиот Auris е до 85 килограми полесен од претходникот, што е постигнато главно со користење на челична ламарина со зголемена цврстина. Трикот е во тоа што за добивање на неопходната цврстина, може да се користи ламарина со помала дебелина, а со тоа и помала тежина.

Колку е тенок лимот може да се чуе секогаш кога малку покрупни капки ќе се слеат врз покривот од некој продупчен олук. Тоа е само чудна акустична појава, иако цврстината на каросеријата воопшто не остава простор за сомнеж. Ефектот од олеснувањето на каросеријата веќе го почувствувавме кај Golf. Бараната динамика се постигнува со помало напрегање на моторот, профитираат и возните својства, исто како и комфорот. На крај, и потрошувачката излегува помала.

Мали трикови од Lexus се откриваат дел по дел

Но, колку добар автомобил е Auris во стоење во место… Одличен? Така ветува првиот впечаток по повлекувањето на рачката. Секако не е случајно тоа што рачката се отвора толку меко и совршено, исто како и тоа што вратата лизга мазно во своите лежишта. Тука веднаш се будат асоцијации на Lexus, на благородната ќерка на Toyota. И внатре Auris сака да биде Lexus, особено ако се суди по впечатокот за квалитет. Toyota отсекогаш, или барем долго време, го изработува ентериерот на пристојно ниво. Но, потешко било тоа да се почувствува.

Кај новиот Auris е коригиран стилскиот пропуст. Стилот убедува во квалитетот. Место како порано, секој дел во кокпитот да биде изработен и финиширан по своја приказна, сега се забележува дека повеќето елементи имаат ист финиш и иста идеја. Прстените околу инструментите, околу прекинувачите, во средишниот тунел, во вратите, сите овие делови се со ист финиш и светат во иста боја. Така е полесно, сега квалитетот се чита многу појасно.

Отпрвин изгледа чудно тоа што кокпитот е рамен и како што се спушта надолу се вовлекува сé повеќе навнатре. Како во шлепер, такво е чувството! Тоа што отпрвин предизвикува чудно чувство, не мора да значи дека подоцна нема да се претвори во позитивно чувство. Со таквата ориентација на кокпитот се постигнува многу подобро просторно чувство. По преместувањето од Auris во друго возило од класата се стекнува впечаток како нозете да се ставени во буре. Тешко е да се разбере единствено зошто надолжните линии по таблата не се надоврзуваат една со друга, односно една е повисока од друга?

Што и да е причината за тоа, дизајнот на кокпитот е сосема во ред, исто како и ракувањето и функционалноста. Забелешка за часовникот, кој е закачен настрана како реликт од некоја друга ера, исто како и за изгледот на средишниот дисплеј, за патниот компјутер. Како што доаѓаат новиве генерации возила, сé повеќе пречи временската некоординираност на производителите на коли со производителите на електронски уреди. Кај повисокото ниво на опрема се добива попристоен средишен дисплеј, но часовникон останува. Приклучоци со преклопливи капаци исто така се чудно решение во автомобил, како оние за 12 волти и за USB.

Не е пријатно ако човек секој ден, година по година, патува до работа и назад со тркачки двосед кој ги растресува бубрезите

При возење во град, Auris се покажува како одлична машина за секојдневно возење. Тоа, секако, се очекува од семеен компакт, кој најголемиот дел од векот ќе го мине на градски асфалт. Впечатокот: Колку и да бил напорен работниот ден и човек да не е расположен за возење, со Auris може да се дојде дома без да се биде свесен за возењето и за патот дотаму. Фантастично! Сепак не е пријатно ако човек секој ден, година по година, патува до работа и назад со тркачки двосед кој ги растресува бубрезите и бара најмалку 5.000 вртежи за поаѓање.

Со високото фаќање на спојката кај тестираниот Auris, сепак е потребно по малку да се внимава при поаѓањето. Тоа е добро за течно и лесно префрлување во повисок степен, но човек мора да се привикнува при поаѓање, за моторот да не откаже служба. Менувачот работи исклучително лесно и прецизно, и што е уште подобро, со побрзи синхрони. Некое време тоа не беше случај кај компактите на Toyota. Најпријатно изненадување е сепак воланот. Место дебела и груба кожа, на воланот сега е навлечена квалитетна телешка кожа, истата како во Volkswagen и во неговите марки.

Додека е во град, Auris остава впечаток како да се работи за смирено автомобилче, без премногу темперамент. Преран заклучок. Toyota се прикажува во комплетно поинакво светло кога ќе се најде на кривулест и предизвикувачки пат. Ако тоа претходно не се заклучи од комфорната работа на амортизацијата во град, на отворен пат се чувствуваат предностите од олеснетата каросерија. Auris се однесува како помало автомобилче, со стегнато подвозје, со примерни спортски манири и со одлична доза на возна безбедност.

Управувањето работи неспоредливо попрецизно и подиректно отколку во претходникот, а тоа што радува особено е хомогеноста на повратната сила, која што се раководи според брзината на возење. Можно е во класата да постојат конкуренти што ќе ги совладаат побрзо од Auris, но ретки се тие што дозволуваат возачот да се чувствува толку релаксирано и спокојно зад воланот додека балансира на границата на стабилност, пред вклучувањето на електронскиот ангел чувар. Смалувањето на висината за 55 милиметри, а со тоа и снижувањето на тежиштето, во комбинација со преработеното подвозје, доведоа до новата возна активност на Auris.

Valvematic е дизел за дизелите

Моторот во тестираниот модел е усовршување на оној од претходниот Auris. Тој одушевуваше со упорноста да повлече и при најниски вртежи, секако и со штедливоста. Овој новиов ја има истата технологија Dual-VVTi, со варијабилна работа на двете брегасти вратила, но и со новитетот – променлив од на вентилите во вшмукувачкиот такт. Тоа е приказната во Valvematic. Вториот новитет е приспособливата вшмукувачка гранка. Како резултат, Valvematic троши 0,7 литри помалку од стариот 1,6-литарец.

Бензинецот се вози уште пониско од дизел, со 1.500 вртежи во петтиот степен во градско темпо. Највисокиот степен не е искористлив при темпото, поради тоа што е предолго пресметан. Ретко кој модел во класата вози темпо 120 со одвај 3.000 вртежи на стрелката. Тоа е благодет за паричникот и за ушите.

Конкретниот модел на тест чини 16.490 евра, со актуелниот попуст од 1.000 евра. Покрај 132-те коњски сили на Valvematic и средното ниво на опрема, средно според Toyota, Auris е моментно меѓу најповолните понуди во класата. Поевтино е во ниво подолу со опрема и со мотор од 99 КС, но во тој случај ќе се вози без бандажите од 16 инчи, хромирана лајсна напред и назад, магленки, со 4 место со 6 звучници, екран на допир, блутут и камера за рикверц, електрика за задните прозорци и хромирани прстени на инструментите. Ништо што не може да се преболи? Се чини, но и факт е дека уште во основното ниво Terra се добива пристојна опременост. Така се заштедуваат 1.500 евра и се доаѓа до цена од 14.990 евра, со 1.6 Valvematic. Задолжително со него!

[box type=”shadow” ] Auris вреден за златен медал во класата
Јапонскиот компакт се препороди. Во споредба со претходникот, кој беше половина ван и брзо бледееше во појавата, овој е тркач, агресивец, којо во исто време се грижи на неговите патници да им биде удобно и безбедно. Од олеснувањето од 85 килограми има корист како во возните својства и комфорот, така и во потрошувачката. Ако Toyota тоа не го кажува самата, ова е најдобриот Auris, односно најдобра Corolla со пет врати во историјата. Никогаш Auris не бил помалку алтернатива, а повеќе прв избор отколку сега. Честито! [/box]

 

[box type=”success” ] Хармонично подвозје
Штедлив и тивок мотор
Одличен менувач[/box]

[box type=”error” ] Пропусти во изгледот на неколку детали во кокпитот
Мал резервоар
Нема можност одделни ставки од опрема да се нарачуваат посебно [/box]

[box type=”info” ]

Бензинец со потрoшувачка на дизел
Valvematic е усовршување на Dual VVT-i, кој дополнително внесува променлив од на вентилите во вшмукувачкиот тракт. Тоа овозможува оптимално регулирање на количината на воздух и на брзината на воздухот при вшмукување, со што се подобрува согорувањето. Се постигнува повеќе силина при пониска потрошувачка. Valvematic ги смалува триењето и загубите при размена на гасови, што повторно ја намалува потрошувачката.

Следен новитет во моторот е приспособливата вшмукувачка гранка. Воздушната струја се води на тој начин да се забрза со највисока можна брзина при ниски и средни вртежи, заради оптимална ефикасност на согорувањето. При високи вртежи, цевката се отвора целосно, се скусува патот на вшмукување, а со зголемувањето на волуменот на вовлечен воздух се зголемува и силината на моторот.

Опционално, Valvetronic се испорачува и со безстепен менувач, со кого потрошувачката е пониска за 0,2 литри. Во споредба со претходникот, Auris 1.6 Valvetronic троши 0,7 литри помалку во просек. [/box]

Фабрички фотографии

Возилото за тестот беше отстапено од Тојота Авто Центар

[nggallery id=17]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Галатасарај стана тим на Opel

Убаво и опасно