за ,

Тест • Jeep Grand Cherokee 3.0 CRD Overland

Никогаш досега Jeep не се возел толку динамично како во последната генерација на големиот теренец. Но, теренската пробивност остана непроменета

Во ваква ситуација е потребно да се има огромна доверба во возилото. Grand Cherokee се наоѓа на стрмна надолнина, каде што камен на камен не останува, а празната глетка напред предизвикува мачнина во стомакот. Толку е стрмно што човек двапати ќе размисли дали и на сопствени нозе би се чувствувал посигурно, од страв дека надолнината ќе го повлече надолу. Ова повеќе личи на предизвикување на судбината.

Намерата беше да се испроба работата на системот за помош при спуштање по надолнина, која е во серискиот пакет на големиот Cherokee. Потребни се голема храброст и несопирлив нагон за ризикување, за во оваа ситуација да се отпушти педалот за гас и судбината да се препушти на електрониката. Jeep поаѓа полека, внимателно, небаре е управуван од возач на кого што теренските беспаќа му се прв дом. Контролата на надолнина се чини како да го држи возилото на јаже, за тоа да не се струполи надолу.

Покрај наоѓање соодветна стрмина, сé што возачот треба да направи за ова доживување е да го активира копчето на контролата за спуштање и во зависност од избраниот степен на пренос да се спушта побрзо или побавно. Во најнискиот степен се вози со приближно два километри на час и на вакви надолнини ништо побрзо не е пожелно. Тоа што кај последната генерација на големиот Jeep сите тркала имаат независно водење воопшто не го ограничува меѓусебното извртување на оските и Grand Cherokee вози по теренот вешто како многу покомпактниот и полесен Wrangler, со крута задна оска.

Овие сцени не се невообичаени за Jeep, уште помалку се изненадувачки за Grand Cherokee. Тоа што импресионира уште повеќе се возните својства. Големиот Cherokee се однесува во возењето како последната генерација на спортски теренци од премиум марките. Jeep со половина возило може да гази сигурно по карпите како Land Rover Discovery, додека со другата половина се впушта во елегантен и мек галоп како класата М на Mercedes. За сето тоа време патниците остануваат поштедени од секаква непотребна информација за состојбата на подлогата и од недостојна поплака од механиката на возилото.

На тој начин, американскиот автомобил конечно раскрстува со имиџот на расклатен теренец, во правецот што го постави уште претходникот со крута задна оска. Jeep Grand Cherokee од четвртата генерација си дозволува да се фрла по свијоците, без да искажува незадоволство и својот плач да го искажува преку чкрипење на тркалата.

Задолжителен дел во нивото на опрема Overland, како во возилото на тестот, е пневматската амортизација Quadra-Lift, со која што каросеријата се качува максимално 64 милиметри над нормалната висина и со што се постигнува растојание од подлогата од 27 сантиметри. Во тој случај речиси не постојат пречки за Cherokee. Пневматиката, пак, е дел од постојаниот погон на сите тркала Quadra-Drive 2, кој за разлика од основното ниво на погонот 4х4, дополнително располага со механички диференцијал на задната оска, додека за истата функција на предните тркала се грижи системот за сопирање, конкретно контролата на стабилноста.

Исто како кај претходникот, предниот спојлер може да се отстрани за далечни излети надвор од асфалтот и во тој случај, во комбинација со пневматска суспензија, се постигнуваат агол на пристап од 34 степени и агол на заминување од 27 степени, со агол на рампа од 23 степени.

Дека Jeep е способен за тоа, навестува и стилот на каросеријата. Хаубата или поточно висорамнината, е толку над земја што за проверка на нивото на масло мора да се користат скалила. Седумте сантиметри плус во ширината и должината, и плусот од четири сантиметри угоре, му обезбедија на Grand Cherokee значително поголема просторност во кабината, дури и на задната клупа. Патниците тука не беа пресреќни кај претходникот. Багажникот со 782 литри се чини како да ќе собере Smart, и тој го нуди овој простор иако под подот лежи резервно тркало во полна големина.

Во Jeep не се седнува, туку се качува, по што задолжително следува валкање на ногавиците. Затоа, пак, по оваа процедура се седнува во комфорни фотелји и пред себе се гледа кокпит што повеќе нема ништо заедничко со вообичаената тесноградост на американските марки. Во изборот на материјали и во изработката е постигнат огромен напредок во правец на премиум марките од Европа, што и не треба да зачудува покрај фактот што пред Fiat, мајката Chrysler долго време беше во брак со Daimler.

Со понудата на опрема, Американците отсекогаш биле дарежливи. За нивото Overland, конкурентите можат да се посрамотат. Jeep нуди биксенонски светла, озвучување Alpine, со 12-канален засилувач, навигација со диск од 30 гигабајти, бандажи од 20 инчи, па дури и помош од електромотор за отворање и затворање на задниот капак или вентилација на кожените седишта. Обемното користење на кожата, хромот и дрвото се подразбира, по тоа и натаму се препознава потеклото на возилото. Единственото што останува да се доплати е пакетот за забава, со DVD, монитор од 9 инчи за задната клупа и сончев покрив, за 2.200 евра, и метализиран лак по цена од 900 евра.

Со тежина од речиси 2,5 тони, мора да се внимава особено и на безбедноста. Jeep го постигнува тоа со систем за предупредување на возачот од судир, кој е дел од стандардниот безбедносен пакет, покрај контрола на стабилност, девет воздушни перници, вклучувајќи и воздушна перница за колената на возачот. Чувството на заштитеност што се стекнува во просторната кабина не смее да води кон тоа со Cherokee сосила да се предизвикуваат опасни ситуации. Во секој случај, акустичното предупредување се јавува навреме секогаш кога интелигенцијата на возилото ќе препознае потреба од посилно сопирање, и таа ставка треба за што поскоро време да стане стандард во целата бранша, исто како контролата на стабилноста.

Неколку поплаки сепак мора да има. Управувањето, на пример, при повисока брзина посредува доволно директно чувство за подлогата, но при паркирање или маневрирање на тесен простор, сервоподдршката се залага во толкава мера да му ја олесни работата на возачот, што се губи голем дел од прецизноста и на моменти е потребно големо внимание за Jeep случајно да не се зачеша каде што не го чеша. Водењето низ менито и општо ракувањето со функциите што се контролираат преку дисплејот во средишната конзола исто така бара долго привикнување.

Затоа, пак, конкуренцијата мора да се привикне на нивото на цени на Grand Cherokee. Огромна е разликата во споредба со европските модели од премиум класата, во големината на овој Jeep. Стартот е на 51.000 евра, со шестцилиндарски дизел со 241 КС, задолжително со автоматски менувач, со двозонска клима, па дури и со биксенонски светла. Американците со право веруваат дека големото е убаво. Во овој случај, сé. Освен цената.

[box type=”shadow” ]Големото е убаво
Досега на никој модел на Jeep не му успеало да воспостави толку хармонична синтеза на напредни теренски својства и возливост на патничка лимузина, како на последната генерација на Grand Cherokee. Напредокот во однос на претходникот е огромен, единствено може да се забележи на преголемите скокови во преносните односи на петстепениот менувач, кои во извесна мера го ограничуваат потенцијалот на трилитарскиот дизел. Но, и тоа е коригирано со фејслифтот, кој на големиот теренец му донесе осумстепен автоматик. Покрај способната механика, во прилог на Grand Cherokee оди и релативно поволната цена во споредба со конкуренцијата, каде што предноста на Jeep изнесува околу дваесетина проценти, особено кога ќе се земе во предвид богатото ниво на опрема. [/box]

[box type=”success” ]Комфор во возење, особено со пневматската амортизација
Моќен и култивиран мотор
Ценовна предност од 20 проценти во споредба со понудата на премиум марките[/box]

[box type=”error” ]Автоматикот со пет степени го задушува полниот потенцијал на моторот
Приказот и ракувањето со средишниот дисплеј заостануваат зад духот на времето
Пневматската суспензија не го помни последното местење[/box]

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

ТЕСТ · SKODA RAPID 1.2 TSI

Mercedes ја става Америка под напон