за

Тест • Honda CR-V 2.0i-VTEC 4WD Elegance

hond cr-v test

Шеснаесетте години искуство во конструирањето спортски теренци се чувствуваат во CR-V. Дополнително, тој е еден од ретките теренци што имаат смисла да се возат со бензинец.

Спортски теренец, возило за рекреација, спортско утилитарно возило, булеварски теренец, кросовер… браншата има смислено повеќе термини отколку што постојат модели во пазарната понуда. Притоа, сите овие термини во основата се однесуваат на една иста сорта возила, на SUV. Без разлика која дефиниција ќе се избере, овие возила обично се компромиси, а компромисите не се добри.

Кога стратезите за развој на новите модели кај автомобилските марки ќе си зацртаат возило што во исто време треба да е комфорно како лимузина, комотно како ван, брзо како спортски компакт и штедливо како градско мини, на крајот се добива едно големо ништо. Тоа возило ниту е доволно комфорно, ниту е комотно, а најмалку пак е штедливо. Ако во исто време треба да се вградат и неколку таленти за искачување по терен, целата конфигурација се распаѓа како кула од карти.

CRV е еден од најсолидните автомобили во моделската историја на Honda

Но, постојано треба да се задржи резерва дека ќе се појави некој производител што ќе изненади и ќе ги промени впечатоците. Honda на пример. Прво заклучокот. CR-V е еден од најсолидно осмислените и изведени автомобили во поновата моделска историја на марката! Тоа што на Accord му недостига како завршна нота во префинетоста на подвозјето, на Civic во дизајнерската авангарда или на CR-Z во динамика и во беснотилак, овој спортски теренец од најнова генерација го решава со обичен потег со малото прсте.

CR-V амортизира подобро и од повеќето класични лимузини од средната класа, со надворешната појава остава впечаток на англиски благородник, а во поглед на динамиката речиси и не заостанува зад Accord. Тоа што е најважно – со потрошувачката под девет литри бензин, оваа Honda не троши ниту грам повеќе од компакт со половина опрема и половина коњски сили помалку.

Дизајнот импресионира долгорочно

Во изгледот, CR-V го почитува принципот на Civic. Контурите на каросеријата во основата се исти како кај претходникот, разликите се повеќе во деталите. Тоа е првиот впечаток. Како што минува времето, така се повеќе се препознава актуелноста на моделот. CR-V не импресионира краткорочно, туку долгорочно, и тоа се должи на хармонијата во изгледот, но и на препознатливиот дизајнерски говор на марката. Намерата на дизајнерот Манабу Котака беше возилото првенствено да се идентификува како Honda, а дури потоа како конкретен модел.

Печатот на марката помалку се чувствува во внатрешноста. Тука и натаму се препознатливите елементи од моделското семејство на Јапонците, но недостига апдејт, особено во изгледот на дисплеите, кои како и кај повеќето марки заостануваат зад тоа што сме навикнати секојдневно да го гледаме како графика на мобилните телефони или на мониторите. Во секој случај, тука нема што да се забележи на прегледноста на ракувањето.

Уште помалку има простор за забелешки за материјалите. Во тој поглед, CR-V бележи голем напредок во споредба со претходникот, кој и самиот негуваше високи стандарди на примена на материјали и на завршна изработка. Со додавање на неколку украсни панели со метализиран ефект и со метализирани прстени околу командите за климата уште повеќе се нагласува квалитетот на изработката на спортскиот теренец на Honda.

На задната клупа е како во театарска ложа

Дизајнерите не дозволија кроењето на каросеријата според начелата на аеродинамиката и спуштањето на покривот како кај купе да доведе до скусување на просторот во кабината. Напротив, внатрешните габарити и чувството за простор се супериорни во однос на стандардите во класата. За тоа придонесува надолжната ориентација на линиите на арматурната табла од една страна и рационалното искористување на просторот во кабината од друга страна. Позитивен впечаток се стекнува и на задната клупа. Изненадува комоцијата што се чувтвува веднаш по седнувањето. Седечката површина ги потпира нозете по целата должина, благодарение на правилната висина на клупата, и тоа е основниот предуслов за долгите патувања да се совладаат без замор. Од друга страна, ергономијата на седење во Honda отсекогаш било на примерно ниво.

Претворање во товарно возило во еден потег

Во багажникот уште од око се препознава зголемувањето. Конкретно, просторот порасна за 56 литри. Напредокот е уште поголем во приспособливоста. Сé што треба да се направи за задната клупа да легне е да се повлече јамката во основата на седиштето или да се повлече рачката во багажникот. Во еден потег се предизвикува преклопување на седечката површина нанапред, паѓање на горната половина од клупата, со истовремено собирање на потпирачите за глава. Ова интелигентно и практично решение не треба да изненадува кај Honda, компактот Civic веќе со генерации е мајстор на трансформацијата. Може да се посака единствено место јамка да има рачка, како потрајно и посигурно решение. Но, денес секое евро заштеда значи многу.

Бензинецот е како музика за смирување

Бензинците со средна големина се реткост за пробување на нашиот пазар, каде сé што е поголемо од Polo вози со дизел. Ова е еден од оние мотори што уверуваат дека бензинците уште долго нема да згаснат. Малите вибрации, мекиот звук и линеарната реакција на педалот за гас се тоа што создава зависност од дволитарскиот i-VTEC. Јапонците ја имаат усовршено технологијата на варијабилна фаза на брегастото вратило до таа мера што воопшто немаат потреба да се ставаат во трендот на даунсајзингот, со турбонатолнење и одземање на зафатнината.

Четирицилиндарецот со 155 КС дозволува во град да се вози во шестиот степен, течно и штедливо, а префрлувањето во понизок степен при потреба за забрзување повеќе е работа на помисла отколку работа. Менувачот е степенуван совршено, има куси и прецизни одови, а како дополнителна предност, вграден е во продолжение на средишната конзола, повисоко и повеќе на дофат. При комбинирано возење според рутата на тестот, вредноста на потрошувачката останува со осумка пред запирката, што е импресивно ниска вредност. Старт-стоп системот помага дополнително да се скусат десетина проценти од горивото.

На автопат се стекнува впечаток како возилото да лебди

Следното што импресионира е комфорот на подвозјето. Единствено на навистина груби дупки во асфалтот ќе се чуе по некој звук оздола, а и тогаш патниците остануваат поштедени од непријатни потреси и звуци. На автопат со добра подлога, што е реткост кај нас, се стекнува впечаток како Honda да лебди над асфалтот, небаре користи пневматска амортизација. Секако дека од ваквата комфорна ориентација трпи динамиката на возење, но тоа е во подрачјето во кое што во нормални услови на возење никој нема потреба да влегува. Во моментот кога ќе почне да се чувствува навалувањето на каросеријата, тоа е повеќе тркање отколку возење.

Во секој случај, динамиката на возење и натаму е на примерно високо ниво, а притоа и возачот постојано добива повратна информација од подлогата, дотолку што се чувствува кога се активира погонот на задната оска. Тоа се случува првенствено во остри свијоци, односно во услови кога електрониката ќе препознае пролизгување на тркалата. За новата генерација на CR-V е развиен нов, полесен и побрз погон на сите тркала, на што делумно се должи олеснувањето на возилото до 200 килограми.

Верзијата со преден погон заштедува 2.000 евра

Новитет кај CR-V е вклучувањето во понудата на верзиите со погон само на предната оска. Тоа заштедува 2.000 евра при набавката, но и по некој децилитар бензин при секојдневното возење. На тестот беше верзија со погон на сите тркала, во изведба со второто ниво на опрема Elegance и со редовна цена од 26.490 евра, без попустот. Тоа што ова ниво го нуди повеќе од основното ниво Comfort и за 1.500 евра повеќе се аларм, магленки, блутут врска, кожа на воланот и на менувачот, детали од алуминиум во кокпитот, автоматика за светла и бришачи, камера за рикверц заедно со паркинг сензори, но и практични детали како спуштање на десниот ретровизор при возење наназад или далечинско ракување со прозорците.

За две илјади евра повеќе се добива нивото Lifestyle, со алкантара и кожа на седиштата, со амбиентално осветлување, прием на дигитално радио, подобро озвучување, носачи за багаж на покривот, затемнети стакла, биксенонски светла со автоматика за долго светло и со бандажи од 18 место од 17 инчи.

Во споредба со нивото на цени на конкуренцијата, Honda е поевтина, а во делови и подобро опремена од понудите на Volkswagen и Toyota, единствено корејските конкуренти одат уште пониско со цената, но и со нивото на опременост. Тоа што е дополнителна предност на CR-V е можноста за комбинирање на бензинецот со погон само напред или на сите тркала, со избор на две нивоа на опременост, додека кај конкурентите бензинецот често е условен со погон само напред или со автоматски менувач.

[one_half][box type=”success” ]Возен комфор Култивиран и штедлив бензинец Просторна кабина и висока приспособливост[/box][/one_half]

[one_half_last][box type=”error” ]Релативно ниска носивост Блокада на диференцијал или заштита на подвозје не се нудат ниту како опција Нема можност за одделна нарачка на ставки од опремата[/box][/one_half_last]

Технички податоци Honda CR-V 2.0 i-VTEC
Мотор 4 цилиндри, 16 вентили, бензински, sohc, варијабилно  управување со вентилите iVTEC
Работна зафатнина 1997 cm3
Пречник и од 81,0 х 96,9 mm
Моќност 155 КС при 6700/min
Вртежен момент 192 Nm при 4300/min
Компресија 10,6:1
Погон и пренос  
Менувач 6 степени, мануелен
Подвозје  
Водење на тркалата напред Мекферсон, стабилизатор
Водење на тркалата назад Две триаголни водилки, стабилизатор
Управување Електро серво, запчеста летва
Гуми 225/65 R17
Димензии на каросерија  
Д х Ш х В 4570 х 1820 х 1685 mm
Меѓуоскино растојание 2630 mm
Багажник 589/1669 литри
Тежини  
Празно возило 1588 kg
Носивост 487 kg
Резервоар 58 литри
Перформанси  
Крајна брзина 190 km/h
0-100 km/h 10,2 s
Потрошувачка град/пат/просек 9,3/6,3/7,4 L/100 km

[nggallery id=63]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford ги замени тест возачите со роботи

Повторно титула за Seat Leon