за ,

Тест • Chevrolet Trax 1.6 LT 2WD

Која е вистинската големина на теренец? Таа што човек може да си ја дозволи. Долго време теренците беа синоним за луксуз на тркала. Сé досега. Теренецот на база на Corsa почнува од неполни 16.000 евра.

Моделите од компакт класата и натаму се прв избор за купување, со најголемо учество во продажбата во Европа, но тие добиваат силна конкуренција од една нова сорта, со слична големина и цена, а со многу поголема забава во возачкото секојдневие и со поголема практичност. Станува збор за малечките теренци врз основа на автомобилите од класата на Corsa и Polo. Светската марка Chevrolet, заедно со сестрата Opel, брзо открија дека во малите теренци лежи голем потенцијал и ги претставија Trax и Mokka пред повеќето конкуренти да го направат тоа. Но, колку Trax е достоен да се води како спортски теренец, или на крајот сепак се работи само за Corsa качена на поголеми тркала?

Trax изгледа како мини Captiva

За надворешниот изглед, малечкиот брат на Captiva посега по вообичаениот репертоар од естетски елементи. Тука секако се подразбираат големи бандажи, во комбинација со црни лајсни околу тркалата и на праговите, и носач за багаж на покривот. На тоа доаѓа уште зголемено растојание од подлогата, од коешто сепак се чини дека ќе остане малку корист кога ќе се излезе на терен, затоа што долниот раб на предниот браник се спушта ниско како кај обична лимузина.

Робусноста во изгледот е пресуден аргумент против цивилните конкуренти

За купувачите што ја ценат робусната појава на теренските возила, изгледот на Trax ќе биде предност, наспроти кросоверите како Peugeot 2008 или Renault Captur, кои повеќе се ориентираат според цивилната варијанта. Од тоа гледиште, Trax може да се смета како мини Captiva, па дури и како нејзина квази купе изведба. Тука и таму, малечкиот теренец се расфрлува со по некој мускул, како во нагласените крила, на пример, или во страничните гребени по должината на хаубата.

Просторното чувство е како во компакт

Впечатокот за просторност во кабината вообичаено произлегува од високиот покрив и големите прозорци. Седиштата имаат добра странична поддршка, се седи пријатно високо, а прегледноста ја попречуваат единствено широките задни столбови. Место класична табла со инструменти, Trax користи дигитален дисплеј како поевтино решение. Сé додека се сведува на изглед, а не и на функција, добро е. Истото важи и за изработката на кокпитот, кадешто доминира тврда пластика и тоа потсеќа на класата во која што сепак припаѓа возилото. Мек полиуретан тука не може да се очекува, но попрецизна изработка – да.

Младите семејства особено ќе ја ценат практичноста

Од поголемата и повисока каросерија профитира и просторот на задната клупа. Седењето е доволно комфорно, горниот дел од клупата може да се собори заради зголемување на багажникот. Товарањето покрупен багаж или спортска опрема, велосипед на пример, претставува лесна вежба, особено покрај фактот што отворот на багажникот е широк и по соборувањето на клупата се добива речиси целосно рамна површина. Младите семејства ќе го ценат и тоа што поради повисоката каросерија е многу полесно подмладокот да се стави во детско седиште, за кое што сериски се предвидени два држача на задната клупа. Во багажникот со 356 литри стандардна големина без проблем ја собира и количката.

Никогаш досега немало повеќе смисла теренец да се вози со бензински мотор

Под хаубата работи бензинец и тоа е веројатно најголемата предност што ја нуди засега најмалечката класа теренци. Никогаш досега немало повеќе смисла возило со концепција на теренец да вози со бензински мотор. За разлика од поголемите браќа кои тежат многу повеќе и најчесто мораат на грб да ја носат уште и дополнителната тежина на погонот на сите тркала, Trax не е ниту грам потежок од обичен компакт и повеќето моделски изведби се нудат само со погон напред. Добивањето на реалната вредност на потрошувачката воедно беше и најголемата неизвесност при тестирањето на бензинскиот модел. Со осум литри бензин на сто километри дури и не е потребно размислување дали да се избере бензинец или дизел – уште помалку кога ќе се земе во предвид дека најевтиниот дизелски модел чини 4.400 евра повеќе од основниот модел и стартува од второто ниво на опрема LT.

Со 115 КС и 155 Nm се постигнуваат спортски перформанси

Моторот од 1,6 литар е стар познајник со класична конструкција, без даунсајзинг и без турбонатполнење, чисто според принципот на голема работна зафатнина и пристоен вртежен момент што призлегува од истата. Со него Trax се вози релаксирано, без потреба да се тераат високи вртежи, што повторно се рефлектира позитивно врз потрошувачката. Притоа мора сепак да се има во предвид дека со основниот мотор од 1,6 литар вози со 115 КС, односно со многу повеќе од тоа што се подразбира како основа во градската и компакт класата.

Со стандардната тежина од 1.290 килограми, што е плус од стотина килограми, подвозјето од Corsa не е преоптоварено и сеуште ги прима нерамнините од подлогата со задоволителен акустичен и возен комфор. Во поглед на возната динамика, Trax компензира за повисокото тежиште и поголемата тежина со поширока трага на оските и со поголеми гуми, така што возливоста не се разликува од моделот чија што техничка платформа се користи како основа.

Богата опрема уште во основното ниво

 

Во опремата Chevrolet е вообичаено дарежлив. Уште основното ниво на опрема LS вклучува шест воздушни перници и контрола на стабилност со помош при поаѓање на нагорнина, клима уред, радио со команди на волан, како и блутут и темпомат. За 1.700 евра повеќе е достапно второто ниво на опрема LT, во коешто од позначајните ставки дополнително влегуваат автоматика за светлата и бришачите, кожа на воланот, дисплеј на допир за радиото со камера за рикверц, паркинг сензори назад, магленки, како и алуминиумски бандажи.

За погон на сите тркала мора да се посегне по 1,4-литарскиот турбо

Погонот на сите тркала е недостапен за 1,6-литарскиот мотор, па за него мора да се избере 1,4-литарскиот турбо со 140 КС, а тоа на крајот ќе чини 18.845 евра со нивото LS, односно околу 3.000 евра повеќе. Со оваа моделска варијанта оди и шестстепен менувач, а со тоа и потенцијална можност за одредена заштеда во потрошувачката. Покрај тоа, во новото моделско годиште и 1,4-литарскиот турбо е достапен во верзија со погон напред, така што разликата со 1,6-литарскиот атмосферски мотор се сведува на вообичаените рамки.

(Тест возилото беше отстапено од Олимпија Моторс Скопје, овластен дилер и сервисер за возилата од марките Chevrolet и Opel – www.olympiamotors.com.mk )

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Паркиралиштата се претесни за новите автомобили

Американец притворен поради кражба на струја за неговиот електромобил