за ,

Тест на автомобилски гуми: Едни гуми за цела година?

Може ли со гуми за сите сезони да се вози безбедно во зима? Германското здружение за техничка проверка тестираше четири различни типови на гуми на сите можни подлоги и дојде до интересни заклучоци.

На споредбениот тест на Здружението за техничка проверка на Германија се најдоа четири различни типови на гуми: Goodyear Four Seasons како гуми за сите сезони, зимски гуми Goodyear Ultra Grip 8, репарирани гуми Okon M+S и летни гуми Dunlop Fast Response.

Големи разлики при возење на снег

Во првата дисциплина на тест на снег сосема очекувано победија зимските гуми, додека летните гуми покажаа најслаби резултати. Повеќе неизвесност владееше околу споредбата на гумите за сите сезони со репарираните гуми. Како краен резултат од четирите единечни тестови (тракција, сопирање, управливост, време на круг и субјективна оцена), гумите за сите сезони се покажаа подобри од репарираните гуми Okon M+S. Една од причините е тоа што кај репарираната гума се користи газечки профил од гума на Continental, чија што конструкција датира од поодамна, а од друга страна гумите за сите сезони имаа ламели по целиот профил и полна длабочина на шарата.

sporedba gumi 1

Сите покажуваат слабости на влажно

На влажна подлога се тестираа патот на сопирање, аквапланингот, брзината при возење во круг и управливоста. Летните гуми сопираат најдобро, но губат бодови за акваплалингот. Репарираните зимски гуми се најдобри на правец, но затоа покажуваат слабости во свијоците. Возните својства исто така не ги задоволија очекувањата. Како што се очекуваше, гумите за сите сезони не постигнуваат врвни вредности во ниту една од единечните дисциплини, но во збирот на нивните својства сепак држат чекор со другите типови на гуми.

sporedba gumi 2

Зимските гуми губат на суво

Единствено летните гуми се покажуваат во вистински елемент на сува подлога. Доволно говори податокот што патот на сопирање на летните гуми е десет метри покус во споредба со репарираните гуми. Во поглед на управливоста исто така се издвојуваат овие специјалисти за сува подлога. Наспроти тоа, зимските гуми ги губат ламелите при брзо возење во свијоци, но одредено време сепак одушевуваат со стабилноста. Изненадувачки е тоа што летните гуми сопираат за 41,5 метри од брзина од сто километри на час, додека на репарираните гуми им се потребни 43,8 метри. Во поглед на управливоста, зимските гуми сепак заостануваат.

Гумите за сите сезони се само алтернативно решение

Заклучокот на експертите на здружението: Возењето со зимски гуми на топла и сува подлога во краен случај е побезбедно отколку со летни гуми да се влезе во снежна виулица. Гумите за сите сезони во меѓувреме станаа разумна алтернатива за оние што минуваат помалку километри во годината и сакаат да заштедат на гуми. Репарираните зимски гуми исто така покажуваат одредени квалитети. Штедливците добиваат три четвртини од перформансите на нови зимски гуми по половина цена. За возење во град тоа е сосема доволно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Qoros 3: Кинеската лимузина чини 21.000 евра

Новиот Golf ќе се произведува и во Бразил