Почетокот на продажбата на Rapid се очекуваше со нетрпение. Моделот е тука, цените се објавени, но тие не се најважни кај овој автомобил. Rapid покажува квалитети што се над цените, односно за него вреди да се плати и повеќе
Чешката марка има направено револуција во браншата многупати. Во поновото време, првата Octavia се понуди на пазарот како големо парче автомобил, но што е уште поважно, како солидно парче автомобил, по цена на една класа подолу. Лимузина од средна класа се добиваше по цена на Golf. Вистина, и техниката потекнуваше од компактот на Volkswagen, единствено каросеријата беше растегната подарежливо од вообичаено. Пазарот го прифати автомобилот како алтернатива на традиционалните модели од средната класа. Така почна трката, така растеше и моделот. Но, одеднаш Octavia излезе преголема. И соодветно поскапа.
Rapid е новата Octavia. За нијанса помал и за два грста поевтин, новиот модел уште подрастично ја прикажува моќта на Skoda. Соодветно на тоа се проширени и полињата на дејствување на моделот. Европа не е приоритетот, само светот е доволно голем за новиот модел. Тоа сепак не значи дека ќе седнуваме во автомобил што во намерата да им се допадне на сите, на крајот нема да му се допадне никому.
Широката маска обрабена во хром и хаубата што пушта испуст надолу кон маската за да ја вдоми летачката стрела на Skoda, искажувајќи на тој начин почит кон логото на марката, внесуваат во појавата универзални елементи на престиж и достоинство. Рамните арки во крилата, нагласениот раб по целата должина на каросеријата и испакнатите прагови, пак, го заокружуваат визуелниот настап на Rapid со елементи на моќ, прецизност и цврстина. Резимирано, Rapid ја претвора едноставноста на неговите форми и линии во совршенство. Резимирано по втор пат, Rapid не изгледа спектакуларно, но затоа има пристојна и претставителна појава.
По отворањето на задниот капак ќе се израдуваат сите што избираат комбилимузинска форма пред лимузинската заради поголемата практичност на каросеријата. Тоа што изгледа како лимузина од класичен крој, се покажува како лимузина со петта врата. Octavia испраќа поздрави. Практичноста е еден од темелите на марката и пријатни изненадувања во корисноста на кабината повеќе се правило отколку исклучок. Гребач за мраз стои во капакот на резервоарот, безбедносниот елек за возачот е здиплен под седиштето, во вратата има корпа за отпадоци, подот на багажникот има две страни, едната за валкање, другата за багаж. Вкупно 19 вакви детали може да се избројат во кабината. Едноставно интелигентно, како што најавуваат и маркетиншките експерти на марката.
Едноставно е во кокпитот. Толку е едноставно што лентата со прекинувачи поставена како завршеток на средишната конзола се чини како ремек дело. Тука отсуствува секаков стилски израз, сé е едноставно, со правилни и речиси стандардизирани форми, рамно и мазно, безбојно. Пропуст, премногу дрско манифестирана желба за штедење, визуелизација на ценовното ниво на Rapid? Ништо од тоа. Формите не се тие што функционираат, материјалите и составот функционираат. Тоа на што сакаат да укажат стратезите на марката е квалитетот на материјалите и на изработката. Поголема е користа од материјали што не стареат и не се оштетуваат и од изработка која што нема да дозволи составот да се расклопи на делови по повеќе години експлоатација. Пораката е сфатена, благодариме Skoda!
Тоа на што треба да се биде уште повеќе благодарен е механиката. Вообичаено е во ценовната класа и во концепциската смисла на Rapid да се посегнува по евтина техника, која подолго време е во производство и веќе ги има исплатено сите развојни трошоци што биле вложени во неа. Добрата страна е тоа што техниката е проверена и докажана, дополнително би требало да е едноставна и евтина за одржување, но има и лоша страна, а тоа е висока потрошувачка, куси временски растојанија за сервисирање и одржување, плус груби манири во однесувањето.
Моторот од 1,2 литар со 85 КС е тој што најмногу сакаме да го имаме под хаубата на Rapid. Истиот мотор работи и како основна погонска единица во седмата генерација на Golf, но далеку е од поимот основно. Со турбонатполнење и директно впрскување на горивото, 1.2 TSI е далеку над просекот на техничката понуда во класата. Во поглед на ослободувањето на моќноста и перформансите, во Rapid се препознава моторот од Golf.
Дури и преносните односи на менувачот се избрани слично, односно ориентацијата е на долг краен пренос, со кој се искористува солидната испорака на вртежен момент уште при ниски вртежи, а како резултат се добива примерна штедливост. За ориентација, во оваа класа на моќност се вози темпо на автопат со околу 3.500 вртежи, додека кај Skoda тоа успева со нешпто повеќе од 2.800 вртежи. Тоа му годи на чувството при возење, тоа му годи и на паричникот.
Во овие услови може да се прости тоа што моторот работи малку погрубо отколку во Golf 1.2 TSI, поточно, вибрациите и некое тесно звучно подрачје од работата на моторот се пренесуваат во кабината поизразено отколку во германскиот компакт. Во секој случај, реперот е високо, тоа не смее да се земе како грев на Rapid. Во споредба со реалната конкуренција, во овој поглед Rapid е на мошне солидно ниво.
Сите пофалби и за подвозјето. Техничарите имале предвид дека на половината од пазарите на кои што Skoda погодува најуспешно, патиштата не се толку совршени и парите од патарините фаќаат некои чудни патишта. На груби пукнатини во асфалтот, амортизацијата реагира стоички, тивко и способно, со што комфорот може да се оцени како одличен. Долу сепак работи техника од Polo и Fabia, со неколку компоненти позајмени од мултиталентот Roomster, за плус доза на робусност.
И цените. Во верзијата како на тест, Rapid излегува од салон за 12.140 евра. Со еден степен на моторизација подолу, со 10 КС и еден цилиндар помалку, комбинираната лимузина се добива за илјада евра поевтино. Дали е тоа можност за плус заштеда? Сепак, не. Rapid има квалитети на патничка и универална семејна лимузина, а моторот TSI со 85 КС се надоврзува на таквиот профил. Во случај изборот сепак да падне на 1.2 MPI, тогаш е најдобро да се избере и основното ниво на опрема и ништо да не се доплаќа. За 10.380 евра, Rapid е сензационална понуда, особено ако се има во предвид дека во опремата се веќе вклучени клима уред и повеќето ставки од комфорната и безбедносната опрема.
Но, од друга страна, зошто да не се искористи максимално тоа што го нуди чешката марка? Ако веќе е Rapid, тогаш нека биде најдобриот. Изведбата 1.4 TSI DSG сепак е малку премногу, нека биде 1.2 TSI со 105 КС и со шестстепен менувач, со врвното ниво на опрема Elegance и со добро ишаран ценовник на дополнителна опрема. За 14.540 евра, Rapid ќе понуди автоматска клима, команди за радио на волан, кожена облога на воланот и на рачката на менувачот, алуминиумски бандажи од 15 инчи… но, не и бришач на задното стакло. Чесите остануваат верни на традицијата и го вградуваат бришачот само по избор на клиентот, за надомест од 70 евра. Седумдесет? Нека бидат тогаш два.
[box type=”shadow” ]Skoda допрва ќе расте
Марката со летачка стрела погодува прецизно во секоја цел – кај клиентите, кај конкуренцијата. Новиот Rapid е подобра Octavia, новата Octavia е уште подобра Octavia, што и да значи тоа. Лимузината што е комбимузина нема да остане незабележана, поверојатно е дека таа ќе биде забележана прва, па потоа другите. Солидноста на изработката и штедливата и култивирана техника се името и презимето на овој автомобил. Што ќе се случува отсега па натаму: Ако Skoda постигна огромен успех со Octavia, со Rapid ќе постигне уште поголем успех, на едно скалило на цени пониско, со автомобил што по ништо не заостанува зад првата генерација на Octavia, темелот на новата Skoda. Rapid е нај-Skoda што може да биде.[/box]
[box type=”success” ]Техниката е на висина на времето
Комфорно подвозје и култивиран мотор
Добра опременост уште во старт и евтина дополнителна опрема[/box]
[box type=”warning” ]За ситни и евтини ставки опрема треба да се доплаќа
Дел од материјалите во кокпитот се едноставни[/box]