Честото користење на темпоматот е лошо за безбедноста во возењето. Студијата покажа дека реакцијата на возачот во опасни ситуации се продолжува значително.
Системите за асистенција во возењето, како што укажува и името, служат да му помагаат на возачот. Но, во одредени ситуации тие ја влошуваат безбедноста. Тоа го покажа студијата на францускиот комисионер на автопатишта Vinci Autoroutes, споведена на симулатор за возење. Колку подолго се вози со темпомат, толку повеќе се намалува будноста на возачот.
Функција на темпоматот е да ја одржува зададената брзина постојана при возење по автопат. Тоа го прави возењето покомфорно, но само додека не се сменат условите на возење. При наидување на опасна ситуација, времето на реакција на возачот се продолжува во просек за една секунда. Доколку се вози со брзина од 130 километри на час, за оваа секунда возилото минува цели 40 метри.
Покрај тоа, возачот поретко го коригира правецот и приспособувањето на темпото е потешко. На тој начин и возењето станува поопасно. Според студијата, возачите влегуваат во поопасни маневри за престигнување и се престројуваат на многу покусо растојание пред престигнатото возило. Со темпоматот се зголемува и опасноста од заспивање зад воланот, за 25 проценти. Овој ефект се зголемува при подолготрајно возење.
Авторите на студијата препорачуваат темпоматот да се користи поретко и да се исклучува при погуст сообраќај, како и почесто да се прави одмор. Почетниците возачи треба особено внимателно да го користат темпоматот. Нивното внимание по 30 минути возење опаѓа значително во споредба со возачите постари од 40 години.