Чесите ја претставија верзијата RS од новата Octavia. Со крајна брзина од 248 km/h и забрзување до сто за 6,8 секунди, Octavia ги загрозува и најголемите имиња во класата.
Брзите лимузини се избор на многумина возачи кои бараат нивното возило да има перформанси и возни својства на спортски автомобил, но притоа не сакаат да се откажат од комоцијата и практичноста на класичните каросериски форми. Претходните две генерации на Octavia се нудеа и во моделската изведба RS, а сега и третата генерација ја продолжува традицијата. Под хаубата работи дволитарски бензинец со турбонатполнење и директно впрскување, со моќност од 220 КС, или дволитарски турбодизел со моќност од 184 КС. Обата модела се достапни и со шестстепен менувач со двојна спојка. Во споредба со претходниот модел, новиот RS нуди повеќе моќност, а во исто време троши до 19 проценти помалку гориво, меѓу другото и благодарение на серискиот старт-стоп и повратокот на енергијата при сопирање.
Со големата моќност оди и спортски дотерано подвозје. Во споредба со стандардниот модел, RS е понизок за 12 милиметри, а назад работи оска со повеќе водилки, која што инаку се вградува само во 1.8 TSI со 180 КС. Електронската симулација на блокада на диференцијал е во стандардниот пакет и помага да се намали подуправувањето во брзи свијоци со потсопирање на внатрешното предно тркало. Подобрената управливост произлегува и од електромеханичкото прогресивно управување кое овозможува со помало вртење на воланот да се совлада свијокот.

Внатрешноста го нагласува спортскиот карактер на RS со амбиенталното осветлување, спортските седишта и трикракиот волан со перфорирана кожа. Праговите и педалите се изработени од благороден челик, а инструмент таблата поседува средишен дисплеј кој е единствен за спортскиот модел. Логото RS секако е задолжително на повеќе места во ентериерот.
