BMW ги пушти во завршно тестирање прототипите од новата генерација на знаменосецот. Маскираната каросерија ја има крајната линија на новиот модел. Има и неколку нови детали околу моторите.
На последната серија шпионски фотографии, идната серија 7 за првпат ги покажува светлата на серискиот модел, со крајната форма и големина. Впечатлива е големината на бубрезите, со што се нагласува позицијата на серијата 7 како знаменосец на моделската понуда на BMW. Интересни е двојната стилизирана буква U во светлата. Големата лимузина на BMW во иднина ќе се нуди во обична и продолжена верзија, а благодарение на обемната примена на алуминиум и карбон, тежината на возилото ќе се намали значително во споредба со сегашниот модел.

Моторите под хаубата ќе покриваат широк дијапазон, почнувајќи од четирицилиндарец од два литри, па сé до V12. Баварците ќе ја нудат „седумката“ и во хибридна верзија со можност за надворешно полнење на батериите. Почетниот модел во гамата на серијата ќе ја носи 730i, во когошто ќе работи дволитарец со турбонатполнење и 260 КС. Овој мотор момемтно се вградува во 328i, каде што постигнува 245 КС. Натаму во понудата следат 740i, со трилитарски шестцилиндарец во линија, со 330 КС, по нив е осумцилиндарскиот 740i, со 460 КС, додека врвот ќе му припаѓа на 760i, со моторот V12 од Rolls-Royce Ghost и Wraith. Овој мотор ќе постигнува околу 600 КС во големиот BMW.

Понудата на дизел мотори ќе ја сочинуваат 730d со 270 КС, како и 740d и 750d. Во план е хибриден модел 730e со четирицилиндарски бензинец и 740e со шестцилиндарец, со моќност од 300, односно 400 КС. Хибридите ќе добијат нов автоматски менувач со девет степени на пренос. Досегот при возење на струја ќе се зголеми значително и ќе изнесува до 60 километри кај 730e, односно до 100 километри кај 740e.
Новата генерација на серијата 7 со кодна ознака G11 ќе доживее премиера в година на салонот во Франкфурт.
















