Стартува производството на новиот Volvo XC60

Во фабриката на Volvo во Торсланда денес стартуваше производството на новата генерација на теренецот од средната класа. Првиот примерок што се симна од производствената лента е T5 AWD Inscription во кристално бела боја.

Девет години конкуренцијата мака мачеше со XC60, кој се продаваше сé подобро како што му се множеа годините. Моделот што стана најпродаван теренец од премиум марка во средната класа на европскиот пазар, од денес има наследник по патиштата – повремено и надвор од нив. По еден милион продадени примероци од претходната генерација, денес од фабриката на Volvo во Торсланда излезе првиот примерок од новиот XC60. На овој модел досега отпаѓаа околу 30 проценти од вкупната продажба на Volvo.

Конкурентот на BMW X3 и Mercedes GLC е четвртиот модел на Volvo што е изработен врз платформата SPA, по моделите од врвната серија 90. Инвестициите во развојот и производството на оваа платформа донесоа илјадници нови работни места во шведското стопанство.

Volvo смета дека новиот XC60 е еден од најбезбедните досега произведени автомобили. Од техниката во ова подрачје, како новитет стои на располагање асистент за управување, покрај докажаниот систем за автоматско запирање на возилото при опасност од незгода. Новиот систем се нарекува „Oncoming Lane Mitigation“ и во себе го вклучува асистентот за управување, односно „Steer Assist“, со функција да спречи судир со возило што се движи по спротивната лента. Овој асистент се вмешува и во работата на системот за контрола на мртвите агли, и во случај на опасност при промена на лента го „повлекува“ воланот.

Како опција стои на располагање „пилот-асистент“, како полуавтономен систем кој ги контролира управувањето, забрзувањето и сопирањето, на патишта со добра сигнализација, при брзини до 130 километри на час.

Врвот во понудата од погонски единици му припаѓа на плагин-хибридниот T8 Twin Engine, со 407 КС и забрзување до сто за 5,3 секунди. Има новитет и во климатизацијата: Четиризонската CleanZone ги отстранува штетните честички, за во кабината да се ужива во „скандинавски чист воздух“.

Швеѓаните очекуваат годинава да го постават следниот продажен рекорд.

Претходна објаваConsumer Reports ја скуси оцената на моделите на Tesla
Следна објаваИ во Porsche имаат ден на дрвото: Посадени 5.000 млади стебла

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here