Собирот на историски автомобили на италијанското езеро Комо е исто што фестивалот во Кан е за филмската индустрија. Херои, диви, џентлмени и бандити не недостигаат.
На собирот Конкорсо Д’елеганца кој што се одржува на монденското езеро Комо во Италија се прославуваат грандиозните лимузини од историјата на четири тркала, како Hispano-Suiza, Rolls-Royce, Bentley или Isotta-Fraschini, но и легендарни спортски возила, родстери, тркачки болиди и прототипи, со каросерии дизајнирани од Pininfarina, Bertone или Zagato. Во оваа година на Конкорсо за прв пат учествуваше AC Cobra од 1965 година и предизвика одушевеност кај публиката. Појавувањето на овој родстер во атмосферата на престиж покрај езерото беше исто како младиот Марлон Брандо, со фармерки и кожена јакна, да добие почесна титула од англиската кралица.

Американскиот крал на модата Ралф Лорен, кој е познат како колекционер на скапи автомобили, го освои златниот пехар на Вила Д’есте. Овој победнички пехар не е толку голем колку пехарот на лигата на шампиони, но тоа не го намалува неговото значење за ентузијастите на сцената на олдтајмерите. Победничкиот Bugatti 57SC Atlantic од 1938 година е еден од највпечатливите моменти во историјата на автомобилите. Само четири примероци од спортското купе со осумцилиндарски мотор се изработени во тоа време.
Вредноста на ова возило, како и на сите други што дефилираат во луксузната атмосфера покрај Вила Д’Есте, е непроценлива. Но, за пари тука не се зборува. Да се биде дел од овој тесен круг на избраници, кои што ги претставуваат своите богатства на четири тркала вредни по неколку милиони евра, потребно е да се издвојат 10.000 евра за неколкудневен престој во вилата.

Аукциската куќа РМ го искористи викендот на Конкорсо за да одржи наддавање на неколку уникатни возила. Црвениот Ferrari MM Berlinetta Competizione oд 1953, ветеран од Леман, го смени сопственикот за осум милиони евра.
Групацијата BMW е главен покровител на манифестацијата Конкорсо Д’Елеганца и ја користи бината за претставување на модели од својата историја. Во оваа година Баварците одбележаа 90-години на постоење на нивните мотоцикли. На Конкорсо по традиција се претставуаат и актуелни прототипи и концепти, кои ја раскажуваат историјата на најголемите автомобилски соништа. Покрај Aston Martin CC100, концептот на електрично возило Nissan Emerg-E и Alfa Romeo Disco Volante со каросерија дизајнирана од Touring Superleggera, вниманието го привлекуваше и Gran Lusso Coupe, првиот заеднички проект на Pininfarina и BMW. Со овој концептен автомобил во стил на славните купеа на Maserati, Aston Martin и Ferrari од 1960-те години, BMW го најавува идното купе врз база на серијата 7. Неизвесноста околу стартот на сериското производство на овој луксузен автомобил е исто толку голема колку идните добитници на трофеите што се доделуваат пред Вила Д’Есте.
