за

Словачка е број 1 во Европа по број на произведени возила по жител

Мерено според бројот на жители, Словачка и натаму е најголем авто производител во Европа. Во минатата година таму се произведоа 980.000 возила.

Наспроти последните податоци за новорегистрираните возила во Европа, бројките од Словачка се многу пооптимистички за производителите на автомобили. Во минатата година во трите авто фабрики во земјата се произведени преку 980.000 нови автомобили, односно 5,8 проценти повеќе од 2012.

Број 1 во Европа

 

Според тоа, малата држава во рамките на ЕУ ја задржа врвната позиција во Европа во поглед на производството на автомобили според бројот на жители. На 1.000 жители се произведуваат 181 нов автомобил. Само во фабриката на Kia во Жилина се произведени 313.000 нови возила, што претставува најдобар резултат во историјата на фабриката на северот на Словачка. Најголемиот дел од возилата се извезени во Русија, Велика Британија, Франција и Германија.

Рекордни бројки постигна и фабриката на PSA Peugeot Citroen во Трнава. Лани таму се произведени 248.000 возила. Иако продажбата на францускиот концерн на европскиот пазар бележи драстично опаѓање, продукцијата во Словачка порасна за 15,5 проценти во споредба со преклани. Освен во Западна Европа, возилата од Трнава се извезуваат во Тајван и Кина.

Фабриката на Volkswagen со 420.000 возила

Најголем број возила во 2013 година повторно излегоа од лентите на фабриката на Volkswagen во Братислава. Најголемиот автопроизводител во Словачка произведе 420.000 возила. Неизвесно е дали во оваа година Словачка ќе надмине еден милион произведени возила. Фабриките во земјата се на границата на нивните капацитети и продукцијата би можела да се зголеми само доколку во неа се одомаќи четврти автомобилски производител. Владата на Словачка е во активни преговори со специјалистот за електрични автомобили Tesla, кој пред подолго време објави дека планира да отвори фабрика во Европа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Наместен изборот на Голф за најпопуларен автомобил на Германците

5300 кандидати за пет вработувања во Ferrari