Моделот од средната класа досега не беше многу впечатлив. Но, тоа ќе се смени откако наследникот ќе пристигне на пазарот. Тој доаѓа веќе во 2014 година и изгледа како мал Phaeton.
Новиот Passat нема да додава во димензиите на каросеријата во споредба со актуелниот модел, но затоа ќе биде поштедлив и полесен од него. Истото веќе се случи и со актуелната генерација на компактот Golf. Не само изгледот, туку и техниката на возилото се приближува до повисоката класа, до Phaeton. Продажбата на новиот модел на Volkswagen се очекува да стартува во август 2014.
Во габаритите на возилото ќе има незначителни промени. Но, со меѓуоскиното растојание од 2,8 метри, што е девет сантиметри повеќе отколку кај актуелниот модел, новиот Passat ќе им нуди многу повеќе простор на своите патници. Така нараснатата просторна понуда ќе оди во комбинација со збогатен обем на опрема, вклучувајќи проекциски дисплеј или систем од сензори што го прикажува возилото од причја перспектива, како помош при паркирање или маневрирање.
Понудата на каросериски изведби и натаму ќе се состои од трите различни каросерии, односно лимузина, комби и купе лимузина CC. Комбито ќе биде дополнително достапно во изведбата Alltrack, со зголемено растојание од подлогата и со погон на сите тркала.
Моторите го откриваат спортскиот карактер на идниот Pasat. Бензинските мотори ќе покриваат дијапазон на моќност од 125 до 279 КС. Планиран е хибриден погон со моќност од 200 КС и можност за полнење на батериите со приклучување во струја. Дизелските мотори ќе имаат моќност меѓу 110 и 258 КС, при што последниов ќе има битурбо натполнење, вртежен момент од 600 њутнметри – и ознака GTD.
За потрошувачката се најавуваат вредности што ќе бидат околу десетина проценти пониски. Главната заслуга за тоа ќе биде смалената тежина на возилото. Новиот Passat ќе биде околу сто килограми полесен од актуелниот модел.