Сингапурците што имаат намера да возат Tesla на струја, мора да сметаат на казна. Еден бизнисмен плати 10.000 евра казна, затоа што државата смета дека неговото возило ја загадува животната средина.
Додека повеќето држави во светот издвојуваат средства да го субвенционираат купувањето електрични автомобили и ги „наградуваат“ купувачите со премија во висина и до десетина илјади евра, ситуацијата во Сингапур е малку поразлична. Во азиската држава не се субвенционира електричниот погон, туку се казнува.
Сингапурскиот дневник „The Strait Times“ неодамна пишуваше за еден чуден случај. Локалниот бизнисмен Џо Нгујен направил самостоен увоз на Tesla Model S, затоа што моделите на калифорнискиот производител на електрични автомобили не се застапени во земјата. Тоа е првиот автомобил на Tesla на Сингапур.
По завршувањето на мачната постапка за одобрување на увозот на возилото, сингапурските власти пресметале дека Нгујен ќе мора да плати 10.000 евра заради емисијата на СО2 на неговиот електричен автомобил. Прашање е од каде воопшто емисија на СО2 кај автомобил што вози на струја и не испушта ниту грам штетни материи? Проблемот е токму во струјата. Сингапурците, кои имаат воведено едни од најстрогите законски норми за заштита на животната средина, сметаат дека тоа е количината на СО2 што се ослободува за произведување на струјата којашто автомобилот ќе ја потроши.
Сите автомобили што се увезуваат во Сингапур мораат да минат тестирање на кое што се проверува емисијата на штетни материи на возилото. Во зависност од измерената количина на штетни материи се одредува и висината на давачките за заштита на животната средина.
Случајот предизвика глобални реакции кај еколозите, кои аргументираат дека електричните возила се чисти колку што е чиста енергијата за производство на струјата за полнење на нивните батерии. Според тоа, доколку струјата не е целосно добиена од алтернативни и одржливи извори на енергија, ниту електричните автомобили не може да се сметаат за „чисти“. На овие аргументи се додава и фактот дека за производство на батериите исто така е потребно многу енергија.
Во меѓувреме реагираше и основачот на Tesla, Илон Маск, кој побара средба со сингапурскиот премиер Ли Хсиен Лонг, за разрешување на овој „еколошки проблем“ на електричните возила.
















