Американците ја сакаат лимузината, на Јапонците им е доволна комбилимузината. Затоа досега отсуствуваше комбито во гамата на Civic. Сега ќе се усреќат и Европејците, по 20 години се враќа комбито.
Секој втор автомобил во класата на Golf е комби. Секој производител што очекува зголемување на продажбата не смее да се откаже од практичната каросериска изведба. Honda го прифати овој факт и по дваесет години повторно нуди комби од моделот од компакт класата. Комбито на Civic се води како Tourer и ќе доживее премиера на салонот во Франкфурт, а продажбата ќе стартува догодина.

Поради тоа што на американскиот пазар се бара само лимузината, а Јапонците ја возат комбилимузината најчесто во спортската изведба Type-R, комбито како каросериска форма што ја преферираат само Европејците остана занемарена во моделската понуда на Honda. Пропустот се поправи и јапонската марка комплетно ја разви комби изведбата во Европа и за Европа. Дизајнот, конструирањето, дотерувањето на подвозјето, сето тоа е дело на фабриката на Honda во англискиот Свиндон и на развојниот центар во германскиот Офенбах, без каква било интервенција од јапонските колеги.

За Tourer да се дотера според европскиот вкус и според европскиот стил на возење, инженерите се решија за многу потемелен зафат од обично продолжување на опашот. За прв пат во Honda Civic се вградува приспособлива амортизација за задната оска, со цел возилото да се однесува примерно при секој товар и за секоја примена. На тој начин се постигнуваат максимална стабилност и комфор при различни степени на натовареност, а возачот може дополнително да избира дали амортизацијата ќе му работи стегнато или комфорно.
[one_half]

[/one_half]
[one_half_last]

[/one_half_last]
Во пакетот на технички модификации на Civic спаѓа и соодветно дотерување на управувањето. Под хаубата ќе работат моторите од актуелните модели, односно бензинци од 1,4 и 2,0 литри со 100 и 142 КС, и два дизела, новиот од 1,6 литар со 110 КС и 2,2-литарецот со 150 КС.
Опашот на возилото е продолжен за 25 сантиметри. Со тоа се доби багажник со зафатнина од 600 литри и впечатливо низок товарен раб, како и повеќе простор за глава за патниците на задната клупа. Кога „волшебните седишта“ ќе се впуштат во подот, кабината на Tourer ќе понуди простор за товар од неверојатни два метри кубни. Задната клупа дополнително нуди можност да се исправи и во просторот меѓу неа и предните седишта да се смести велосипед, на пример.

Стратезите на марката очекуваат дека секој трет Civic произведен во фабриката во Свиндон, во Англија, ќе биде комбито Tourer. Во меѓувреме и некои други светски пазари пројавија интерес за комбито. Последен пат Јапонците ја понудија комби изведбата на Civic како Aerodeck, пред повеќе од дваесет години. Моделот и тогаш постигна одличен успех.