Аукциска куќа ја откри збирката автомобили на бизнисменот Роже Баилон во Западна Франција. Збирката содржи околу 60 вредни олдтајмери кои наскоро ќе одат на наддавање.
Artcurial, најголемата аукциска куќа во Франција, откри сензационална колекција. Во плевна во Западна Франција е откриена збирката олдтајмери на бизнисменот Роже Баилон којашто содржи 60 олдтајмери. Во неа влегуваат модели што датираат од раните периоди на автомобилизмот, па сé до 1970-те години. „Овие заспани убавици ја носат патината на златната ера. Откритието е сензационално и ќе ги забрза срцата на сите љубители на автомобилизмот и на историјата“, коментираат од Artcurial.
Некои примероци се проценуваат десетина милиони евра
Највредниот примерок во збирката е Ferrari 250 GT SWB California Spider од 1961 година, когошто на времето го поседувал Ален Делон, со вредност проценета на 9,5 до 12 милион евра. Овој автомобил стекна светска слава со фотографиите што беа направени за време на снимањето на „Les Felins“ со Џејн Фонда, Ширли Меклејн и легендарниот француски актер во 1964 година. Друг примерок што особено привлекува внимание е Maserati A6G Gran Sport Frua од 1956 година, со вредност меѓу 800.000 и 1,2 милион евра. Во збирката влегуваат и ретки модели од Bugatti, Hispano-Suiza, Talbot-Lago, Panhard-Levassor, Maserati, Ferrari, Delahaye и Delage. Наддавањето ќе се одржи на 6-ти февруари на салонот на олдтајмери Retromobile Salon во Париз.
50 примероци од колекцијата се продадени во 1970-те
Колекцијата е основана во 1950-те години од страна на Баилон, со цел автомобилите од предвоениот период да се конзервираат и да се направат достапни за јавноста во форма на музеј за олдтајмери. Како голем автомобилски ентузијаст, Баилон прикажал родстер на салонот за автомобили во Париз во 1950-те години, когошто тој лично го дизајнирал и изработил. Поради финансиски потешкотии во 1970-те години, францускиот бизнисмен морал да продаде 50 автомобили од неговата колекција. Преостанатите 60 примероци од збирката оттогаш се наоѓале во плевната во Западна Франција, кадешто беа откриени од Матје Ламур и Пјер Новикоф, експерти за автомобили на Artcurial.
















