за

Семејно комби брзо колку Lambo

Audi RS6 Avant се чини дека е совршениот автомобил. Со 305 km/h, тој е брз колку Lambo, а притоа нуди простор и комфор за целото семејство.

Кај овие автомобили не може да се размислува разумно. За повеќе од 100.000 евра, колку што чини RS6 Avant, може да се купат неколку помали модели на Audi, или десетина обични автомобили. Единствено Mercedes E 63 AMG T-модел е поскапо комби од RS6 Avant. Но, за парите се добива многу.

Тоа што може да го понуди супербрзиот Avant е комбинација на возило со простор за целото семејство и брзина на Lamborghini. Спринтот од место до темпо 100 во RS6 трае само 3,9 секунди. Исто толку забрзува и Gallardo. Малку подобар е само Ferrari 458 Italia.

Audi RS 6 Avant

RS6 веќе единаесет години е најсилно комби во понудата на Audi и воопшто на пазарот. Првиот модел се појави во 2002 година, со мотор со 450 КС. Во 2008 година, RS6 веќе возеше со 580 КС. Последнава верзија на семејниот болид има битурбо V8 со 560 КС и зафатнина од четири литри, но со вртежниот момент од 700 њутнметри постигнува 50 њутнметри повеќе од претходниот мотор V10.

Audi RS 6 Avant

Со доплата за пакетот Dynamic Plus, сопственикот купува ослободување на ограничувањето на крајната брзина и можност да вози со повеќе од 300 километри на час, но во пакетот следуваат и диодни светла, спортски диференцијал и керамички сопирачки, што на крајот дава цена од околу 13.000 евра, односно приближно колку за најевтиниот модел на Audi.

Audi RS 6 Avant

Каросеријата не сокрива дека се работи за моќник. RS6 се препознава по огромните отвори за воздух и по сребрената пречка под браникот, како и по големиот натпис quattro. Дебелите издувни цевки не оставаат простор за сомневање за кој модел се работи кога возилото се гледа одзади.

Audi RS 6 Avant/Innenraum

Тоа што RS6 го може подобро од сите суперспортски болиди е превозот на патници и товар. Комбинација од багажник од 565 литри и 560 КС ретко се среќава на друго место. Секако, багажникот не е главен фактор што решава за купувањето на RS6, туку желбата на сопственикот да има на располагање неисцрпна моќ, а да не биде толку впечатлив во уличната слика како со суперспортски автомобил во дречлива боја. Тоа е суштината на RS6.

Audi RS 6 Avant/Innenraum

Кога транспортните капацитети и комфорот ќе станат неважни, возачот може спокојно да го активира динамичниот модус преку копчето Car во средишната конзола. Со тоа, на електрониката ѝ се наредува да реагира поагресивно, односно управувањето, подвозјето, реакцијата на моторот, погонот на сите тркала, контролата на тракцијата и на спортскиот диференцијал и програмите на осумстепениот автоматски менувач се префрлуваат на спортска акција.

RS6 Avant е за три километри на час побрз од R8 4.2 FSI

Ако потрошувачката воопшто е важна: Новиот RS6 Avant според фабрика троши во просек 9,8 литри, што е полни четири литри помалку отколку претходникот. Само теоретски. Кој уште ќе одолее да го притисне педалот барем еднаш до крај. Или неколку пати. Секојпат.

Audi RS 6 Avant/Motorraum

Но, законите на ЕУ бараат емисијата на СО2 на ниво на гама на производител да биде под 120 грами на километар до 2015 година. Затоа мора да се преземаат и некои мери што кај ентузијастите не наидуваат секогаш на одушевување. На пример, кога преку истото тоа копче Car ќе се активира комфорниот модус, при делумно оптоварување моторот работи само со четири цилиндри, со соодветна адаптација на целата пратечка електроника. Амортизацијата исто така работи помеко.

Audi RS 6 Avant

Во гените, комбито останува RS6, без разлика кој модус е активиран. Инженерите на Audi тврдат дека при доволно долго забрзување, RS6 ќе тера и до 320 километри на час. Повеќе од тоа не може. Отпорот на воздух го спречува натамошното забрзување. Но, истиот тој отпор е неопходен, сепак тој го задржува возилото на земја. Без него, RS6 веќе одамна би полетал.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Chevrolet расте десет квартали по ред

Продажбата во САД и Кина расте – во Европа опаѓа