за , ,

Светот со молба до Kia: Направете го овој автомобил!

Kia може да биде марката што ќе ги врати на сцена расните и достапни спортски купеа. Студијата GT4 Stinger боде очи како никој друг модел на марката претходно. Ова не смее да заврши само како салонски експонат.

Пред четири децении автомобилскиот свет за последен пат уживаше во чистокрвни и евтини спортски купеа од типот на Ford Capri и Opel Manta. Овие времиња може повторно да се вратат доколку Kia реши да го реализира во сериско производство студискиот модел што доживеа премиера на салонот во Детроит.

Зад изгледот на купето со конфигурација 2+2 стои калифорнискиот дизајнерски тим на Kia, кој уште во 2012 година го привлече вниманието со студијата Track’ster, како претходник на GT4 Stinger. Том Кернс, главниот дизајнер открива: „Уживањето во возење беше главен приоритет во развојот на GT4 Stinger. Тоа е спортско возило што веднаш паѓа во очи во секојдневниот сообраќај, но изгледа добро и на тркачка патека. GT4 Stinger е пуристички, едноставен и безвременски. Тој се поврзува со времињата кога возењето автомобил беше интуитивно и емотивно доживување, сеуште непридушено од електронски системи.“

Охрабрен од спортскиот успех на марката во тркачката серија Pirelli World Challenge, дизајнерскиот тим на Kia се посвети на три аспекти: Намалена тежина, врвна функционалност и максимално уживање во возење. Дизајнерите намерно се откажаа од луксузното облагородување на вообичаените модели гранд-туринг и се посветија на елементарното доживување на тесна врска меѓу возачот и неговото возило.

Под хаубата на студијата работи засилена верзија на дволитарскиот турбо бензинец со директно впрскување T-GDI со 215 КС. Истиот мотор е основа за тркачките верзии на Kia Optima, каде постигнува преку 400 КС. Тесно степенуван шестстепен менувач ја пренесува силата на задните тркала со димензија 275/35 R20. Специјално изработените бандажи од 20 инчи со централно прицврстување поседуваат карбонски додатоци со цел да се зголеми стабилноста и да се намали тежината. За сопирањето се грижат четириклипни сопирачки клешти Brembo и перфорирани дискови од 15 инчи.

Подвозјето со триаголни водилки исто така ги нагласува спортските амбиции на студијата во „запалливо жолта“ боја. Со 4,31 метри, Stinger е доволно компактен, а релативно кусото меѓуоскино растојание од 2,62 метри гарантира врвна агилност во брзи свијоци. Ширината на возилото е 1,89 метар, додека висината е 1,25 метар – 20 сантиметри помалку од Rio. Тежината од 1.304 килограми е распределена во сооднос 52:48 проценти меѓу оските.

Засега не се планира концептниот автомобил да се доразвие до сериски модел. Но, Kia е позната по тоа што нејзините студии секогаш доспеваат до сериското производство. GT4 Stinger не смее да биде исклучок.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Qoros 3: Кинескиот Голф доаѓа во Женева

Лондон ќе ги забрани такси возилата со дизелски мотор