Што имаат заедничко скапоцените лимузини и автомобилите кои секојдневно ги среќаваме на улица? Клучевите не им се разликуваат! Една фирма од Берлин виде шанса за добар бизнис. Таа ангажираше златари и дизајнери, да ги креираат најскапите клучеви на светот од злато, сребро, дрво и од слонова коска.
За 30.000 евра може да се купи пристојна семејна лимузина, два обични компакти – или еден клуч за автомобил. Идејата се роди многу лесно. Дури и купувачите на автомобили вредни стотици илјади евра добиваат обично парче пластика како клуч за возилото. Тоа не оди едно со друго.
Во фирмата Noblekey денес работат тројца дизајнери, тројца златари, двајца столари, еден специјалист за кожа и двајца лакери. Една фирма од САД се ангажира ако некој купувач посака клучот да се изработи од керамика.
За секој клиент се изработува клуч со различен дизајн, при што најчесто се користат препознатливите белези на возилото. На пример, клуч за Rolls-Royce може да биде изработен во стил на препознатливата маска или клуч за Mercedes 300 SL може да има форма на каросеријата. Некогаш во клучот се вметнуваат делови од кожа, идентични со кожата во кабината на возилото или клучот се лакира во боја на каросеријата.
Откако ќе се утврди дизајнот се пристапува на изработка на пробен примерок од клучот. Клучевите на модерните автомобили содржат бројни електронски компоненти, кои мора да се користат и во новото тело на клучот. Телото најчесто се изработува од сребро или злато. Но, при изборот на материјалите не постојат ограничувања, секако, ако клиентот е подготвен да плати.
Клучот обезбедува комплетно различно чувство кога ќе се најде во рака. Додека обичните клучеви тежат неколку грами, овие достигнуваат тежина од околу 100 грами, односно колку едно чоколадо.
Изработката на клучевите трае меѓу три и шест месеци. Најевтино минуваат сопствениците на олдтајмери. Клучевите од нивните возила не содржат електроника, па и цената им почнува од 1.500 евра. За актуелните модели треба се плаќа околу 2.500 евра. Угоре нема граници. Најскапиот клуч што го има изработено фирмата досега чинел 30.000 евра. Кругот на клиенти е мошне мал со овие цени, но клиенти не недостигаат.
Единствениот проблем е гаранцијата. Со користење на скапоцените клучеви од Noblekey може да се изгуби гаранцијата на возилото. Но, тоа и не е толку голем проблем, покрај фактот што возилата на клиентите најчесто се постари од две години.
Фирмата Noblekey досега има изработено неколку стотини клучеви. Бизнисот продолжува да расте, со отворање филијали во Русија, Кина, во САД и на Блискиот и Средниот Исток. Целна група не се само купувачите на скапи автомобили, туку и самите производители на возила, особено малосериските производители.
[nggallery id=22]