Цели дваесет и пет денови Honda Civic поставуваше нов рекорд за најштедливо возење низ 24 држави на ЕУ. По 13.498 километри, двајцата возачи на Honda го поставија рекордот со просек од 2,82 литри дизел на сто километри.
Honda постави нов гинисов рекорд за „најниска потрошувачка на гориво – во континуитет низ 24 држави на ЕУ“, со просечната вредност од 2,82 литри дизел на сто километри, во возење што траеше 25 денови во должина од 13.498 километри. Двајца членови од европскиот тим за истражување и развој на Honda, Фергал Мекграт и Џулијан Ворен, сето време се менуваа зад воланот на Honda Civic Tourer 1.6 i-DTEC, со цел да ја докажат исклучителната штедливост на новиот дизел мотор.
Рекордната вредност е за 25 проценти пониска од фабричката декларација
Растојанието што двајцата возачи го минаа е исто како да патувале до Австралија, запирајќи само девет пати за дополнување на резервоарот. Автомобилот постигна исклучителен просек од 1.500 километри со еден резервоар, со вкупно 645 евра потрошени за гориво за целото патување. Тимот стартуваше од белгискиот Алст на 1-ви јуни, навигирајќи низ континентот во правец на стрелките на часовникот, за повторно да се вратат на поаѓалиштето на 25-ти јуни, со вредност за потрошувачка на гориво што е за 25 проценти пониска од фабрички декларираната вредност од 3,8 литри дизел за овој модел.
Правилата предвидуваат исти двајца возачи да бидат во возилото во текот на целото патување. Civic дневно минуваше по 600 километри во просек, или по околу 7,5 часови секој ден. За рекордот да се признае, возачите мораа да го бележат и евидентираат секое полнење гориво и моментната километража, да прават видео и фотографски снимки, како и да собираат потписи од минувачи.
Врз автомобилот не беа извршени никакви модификации, а гориво се полнеше на попатните станиците за гориво, секогаш до врв, за да се исклучи можност за манипулација и возење со полесен автомобил. Гумите исто така беа напумпани на пропишаниот притисок и геометријата на тркалата беше наместена според фабричките вредности.
















