за ,

Пролетно чистење

Времето затоплува, деновите стануваат подолги, тоа е знак дека автомобилот треба да се ослободи од трагите од зимата.

Снегот, влагата, солта и калта во зимските услови на возење не го валкаат возилото само однадвор, туку често пати оставаат непријатна миризба и во неговата внатрешност. За сигурно збогување со долгата зима, потребно е темелно пролетно чистење на автомобилот. Особено внимание треба да се посвети на седиштата, односно на платното на седиштата. Тоа е само почеток. Главниот виновник за непријатните миризби во кабината често пати е сокриен под патосниците или во самите патосници. Нема ништо полесно оваа зимска оставштина да се отстрани од возилото, ниту пак е потребна особена умешност за чистење на патосниците. Многу е поважно да се провери во каква состојба се некои од техничките уреди на возилото, заради сопствена поштеда од непријатни изненадувања, но и заради одржување на вредноста на возилото.

Најлесно е со гумените патосници

За чистење на гумените патосници е доволно тие да се испрскаат со млаз под висок притисок. Повеќе работа е потребно кога се работи за велурни или платнени патосници. Компресорскиот притисок не е препорачливо да се користи за нив, затоа што под дејство на силниот млаз се откорнува површината на патосниците или истите се деформираат. Единствено преостанува темелно рачно чистење со четка и со специјален детергент кој што може да се набави во секоја подобро опремена продавница за прибор. Колку што е важно чистењето, толку е поважно сушењето, за лошата миризба трајно да се отстрани од кабината.

Прво е грубото чистење

Во зимските месеци се собира многу нечистотија на подот на кабината. По вшмукувањето на нечистотијата следи чистење со вода и со силен детергент. Исто како кај патосниците, од доброто сушење по миењето зависи дали кабината и натаму ќе мириса пријатно и свежо или тоа нема да биде случај. Преостанатата влага повторно го активира непријатниот мирис, а дополнително предизвикува и корозија. Проблем е кога влагата е навлезена и под подната облога, односно во изолацискиот слој во подот на кабината. Во тој случај, единствен спас е посета на специјализиран сервис за чистење.

Нечистотијата е заседната на седиштата

Трагите од зимата остануваат и на седиштата. Со средствата за чистење платно или со универзалните средства може лесно да се отстрани нечистотијата, без да се оштети материјалот. Средствата што содржат алкохол не одговараат, затоа што тој го нагризува платното и не е толку ефикасен за чистење. За кожени седишта се препорачува користење на микрофибер крпа, затоа што обичните четки само ја гребат чувствителната површина. По грубото чистење седиштата треба да се премачкаат со специјално средство за кожа најмалку еднаш годишно. На тој начин се задржува еластичноста на материјалот.

Техничка проверка

Метличките на бришачите најмногу се трошат на мраз и снег. Нежните ламели распукуваат и потоа оставаат траги на стаклото. Во тој случај преостанува само замена на метличките. Проверката на нивото на масло во моторот не смее да изостане, исто како и дополнувањето на садот за течност за стакла. Освежувањето завршува со посета на сервис за миење на возила. Доколку се користи машинско перење, препорачливо е во овој дел од годината да не се штеди, туку да се избере најдобрата и најскапа програма, која што ќе ја отстрани зимската нечистотија од секој агол и на крајот ќе ги заштити површините.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Купување автомобил во лет

Внимателно на влажен пат