за

Производителите ги притајуваат грешките на возилата?

Десетици милиони автомобили беа повикани во оваа година во сервис за отстранување на грешките. Но, црната бројка е уште поголема, оценуваат експертите. Многу грешки се отстрануваат тајно при редовното сервисирање.

Сопствениците на автомобили се претворија во дополнителни тест возачи на производителите на возила. Десетици милиони автомобили беа повикани во сервис за отстранување на грешки во оваа и во минатата година. Сервисни повици имаат речиси сите производители, од BMW и Mercedes, до Volkswagen. Сé уште се сеќаваме на серијата сервисни повици на Toyota. Неодамна и шефот за развој на Hyundai мораше да ја напушти својата позиција во фирмата заради пропустите во квалитетот на возилата.

За шест месеци во 2013 се повикани повеќе возила во сервис отколку во цела 2012

Експертите од Центарот за автомобилски менаџмент во Бремен ги следат зачестените сервисни акции на производителите на глобално ниво. Во САД, на пример, овие сервисни акции се најзачестени, првенствено поради притисокот на министерството за безбедност во сообраќајот врз производителитена возила. Во првата половина од 2013, сервисните повици во САД достигнаа рекордно ниво со 11,3 милиони автомобили, надминувајќи го вкупниот број на возила што беа повикани во сервис во целата 2010 година. Квотата на сервисни акции, споредено со вкупната продажба на возила, во шесте месеци изнесувала 142 проценти, што значи дека за отстранување на грешките биле повикани за 42 проценти повеќе возила отколку што имало продадено возила во истиот период.

Голем ризик со користењето заеднички делови за повеќе модели

Во Центарот за автомобилски менаџмент сметаат дека негативниот тренд во голема мера се должи на системот на заеднички компоненти, што во меѓувреме почнаа да го применуваат сите производители. Кога исти делови се користат за повеќе возила е особено важно грешките во конструкцијата или во производството да се откријат колку е можно поскоро, за проблемот да не ескалира до катастрофални размери.

Овој систем на заеднички компоненти не е новитет во авто индустријата. Американските концерни Ford и Chrysler го применуваа уште во 1980-те години. Дури и првиот Ford Mustang од 1964 година ја користеше техниката на Ford Falcon, но во различна каросерија. Со текот на годините производителите постојано го усовршуваа користењето на заеднички делови, што прерасна во стандард во браншата, но тоа е мач со две острици.

Заштедата во развојот може да се загуби преку скапите сервисни повици

Од една страна, со овој систем се овозможува забрзување на развојот на новите модели, особено на моделите што се произведуваат во помала серија и се исплатливи само преку стратегијата на заеднички компоненти. Без неа, производителите воопшто не би се впуштиле во авантурата. Заштедата во трошоците за развој на крајот оди во корист на купувачите, кои купуваат поевтини или поквалитетни автомобили, зависно од тоа како производителот решил да ја искористи истата. Но, со овој систем се зголемува и бројот на возила со грешки. Еден дел што се вградува во повеќе модели во текот на повеќе години може да повлече сервисни повици на неколку милиони возила. Поради тоа, директните трошоци од сервисните повици за производителите можат за миг да достигнат суми од неколку милијарди.

Тајни поправки во сервисната работилница?

Постои една голема тајна, а тоа е дека сите грешки кај возилата не излегуваат на виделина за јавноста и за корисниците. Постои голем број на тајни сервисни повици. Според експертите на Центарот, само еден од три сервисни повици се реализира јавно. Останатиот дел од грешките се отстранува тајно во рамките на редовната посета на сервисните работилници.

Производителите сами решаваат дали да објават сервисен повик. Во повеќето земји од ЕУ постои институција што е надлежна да провери колку се опасни фабричките дефекти кај возилата. Основа е законот за безбедност на уредите и на производите. Оваа институција ги известува сопствениците на погодените возила и ги регистрира оние што не реагираат на сервисниот повик.

Најголемите сервисни повици во 2013 година:

Ноември 2013: Поради разни сервисни повици на јужнокорејскиот производител Hyundai, тројца менаџери ги напуштија своите позиции. Во 2013 година мораше да се интервенира кај повеќе од два милиони возила на Hyundai и Kia, поради дефектен прекинувач за стоп светлата. Дури во октомври производителот објави сервисен повик на 900.000 возила на глобално ниво поради можни проблеми со безбедноста. Причината: Поради можност за протекување на течност од клима уредот во контролниот уред на воздушните перници постоеше опасност за деактивирање, односно активирање на воздушните перници.
Септември 2013: Јапонскиот производител Nissan повика во сервис 910.000 возила во целиот свет поради можност за дефект на педалот за гас. Најголемиот дел од возилата, поточно 765.000 возила, беа продадени на територијата на Јапонија. Тоа е веќе трет сервисен повик на Nissan во оваа година.
Јуни 2013: Chrysler стартуваше со еден од најголемите сервисни во САД. Министерството за безбедност во сообраќајот бараше контрола на 2,7 милиони постари примероци од моделите Jeep Grand Cherokee и Jeep Liberty. Причина за повикот беше сомневањето дека може да дојде до пукање на резервоарот и иницирање на пожар при судир.
Мај 2013: Volkswagen повика 91.000 возила во Јапонија поради можен дефект на менувачот со двојна спојка DSG. Претходно производителот повика во сервис 384.000 возила во Кина.
Април 2013: Поради дефектни воздушни перници, повеќе јапонски производители на возила повикаа во светот повеќе од 3 милиони возила. Најголемиот дел од возилата беа од марките Toyota, Honda и Nissan. Грешката беше во воздушните перници од јапонскиот добавувач Takata.
Февруари 2013: BMW повика 750.000 возила во САД, Канада, Јапонија и Јужна Африка. Подоцна следуваа уште неколку акции, меѓу кои и октомвриската со повикување на 176.000 возила на глобално ниво.
Јануари 2013: Бразилскиот суд наложи сервисен повик за повеќе модели на Volkswagen. Според процените се работи за 400.000 возила. Проблемот е во можното предвремено абење на моторите во моделите Fox, Voyage и Novo Gol, произведени во 2009 и 2010 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Lexus и Volvo ги гледаат пешаците подобро од Mercedes и BMW

Најголемите заблуди околу зимските гуми