Октомвриската продажба на Audi на глобално ниво надмина 150.000 примероци. Дури и на пазарот во САД, кадешто марката се товари за висока емисија на штетни материи, купувачите реагираат позитивно на возилата од премиум марката. Од почетокот на годинава, преку големата бара се продадоа над 165.000 возила или за 2,9 проценти повеќе отколку лани.
Марката Audi е на добар пат годинава да ја заврши со нов продажен рекорд. За десет месеци, глобалната продажба за првпат надмина 1,5 милион возила. Голем поттик се очекува од стартот на продажбата на Q2, за когошто пазарот веќе покажува голем интерес. Audi со овој модел цели на помладата публика, во растечкиот сегмент на кросовери. Заедно со Q2, во салоните на марката во ноември ќе пристигне и новото A5 Coupe.
Одлично минува и новиот Audi A4, со 11.500 испорачани примероци во октомври и раст од 8,4 проценти во споредба со истиот месец лани. Најдобри резултати постигнуваат пазарите во Северна и Западна Европа, особено британскиот пазар (14.337 возила, +8,1%), Франција (6.129 возила, +11,5%) и Шпанија (3.977 возила, +17,6%). Проблематичен е единствено рускиот пазар, кадешто октомвриската продажба се намали за 30 проценти.
Канада за првпат меѓу десетте најголеми пазари за Audi во светот
Канада е најзаслужна за добриот резултат на северноамериканскиот пазар, со раст од 10 проценти и 2.751 испорачани возила во минатиот месец, со што земјата за првпат фигурира меѓу десетте најголеми пазари за Audi. Најпопуларен е Q5, чијшто наследник од следната година ќе се испорачува на светскиот пазар од новата фабрика на Audi во Мексико.
Најголемото изненадување е пазарот во САД, кадешто и по последните напади врз марката, продажбата расте веќе 70 месеци во континуитет. До октомври таму се продадоа 169.900 возила од марката (+2,9%). Трипати повеќе возила отколку во САД се продадоа на кинескиот пазар. За десет месеци, Audi испорача 487.265 возила на купувачите во најголемиот пазар во светот. Од минатата седмица, во продажба е новиот A4 L, трет најпродаван модел на Audi, додека во следната седмица стартува и A6 L e-tron, како прв плагин-хибрид од локално производство на Audi. Обата модела се во верзија со продолжена каросерија, по вкусот на возачите во Кина.
| Октомври | Тренд | Јан-Окт. 2016 | Тренд | |
| Свет | 150.950 | +1,2% | 1.559.750 | +4,2% |
| Европа | 69.800 | +3,6% | 726.850 | +6,9% |
| – Германија | 23.109 | +0,5% | 253.999 | +9,8% |
| – В. Британија | 14.337 | +8,1% | 153.376 | +4,5% |
| – Франција | 6.129 | +11,5% | 53.425 | +7,1% |
| – Италија | 4.855 | +5,5% | 51.786 | +13,1% |
| – Шпанија | 3.977 | +17,6% | 43.899 | +14,5% |
| САД | 17.721 | +0,1% | 169.900 | +2,9% |
| Мексико | 1.118 | -4,0% | 12.375 | +8,7% |
| Бразил | 1.100 | -18,2% | 10.932 | -24,1% |
| Кина | 47.032 | +0,6% | 487.265 | +5,7% |
















