Во првата половина од годината Porsche испорача околу 82.000 возила на глобално ниво. Само во јуни се продадоа преку 14.000 возила. Кризата очигледно не важи за премиум марките.
Во сите региони во кои што се продава марката, продажбата забележа раст во првото полугодие. Голем раст е забележан во земјите од Пацификот, Африка и Блискиот Исток, со 30.400 возила, односно 25,2 проценти повеќе отколку во истиот период лани. Во Кина се продадоа 18.300 возила од марката, што е плус од 20 проценти, додека во САД продажбата се зголеми за дури 30 проценти, со вкупно 21.300 возила.
„Зад нас е добро прво полугодие и влегуваме мотивирани во втората половина. Нашата атрактивна моделска палета ги привлекува купувачите во целиот свет. Уште пред почетокот на продажбата на новата Panamera на крајот на јуни добивме бројни нарачки. Нашата моделска политика особено ја потврдува интересот за првиот хибрид со приклучок за полнење на батериите.“
Бернхард Мајер, шеф за продажба и маркетинг на Porsche
Јубилејниот модел на Porsche, култниот 911, кој во оваа година одбележува 50 години од појавувањето, доби силен импулс во продажбата со 15.834 возила, односно плус од 10 проценти. Најуспешна моделска серија во првата половина од 2013 е сосема очекувано спортскиот теренец Cayenne, од кого се продадоа 42.354 возила, што е зголемување од 22 проценти.