Дизајнерот Рос Лавгроув создава нови форми на препознавање на француската марка. Студијата Twinz е резултат од новата соработка
Првото јавно прикажување на новата стратегија на дизајнот на Renault за прв пат не се случува на голем салон на автомобили, туку во музеј за дизајн, и не случајно, во Милано. Во создавањето на изгледот на минито со електричен погон учествуваше индустрискиот дизајнер Рос Лавгроув. Дизајнерот ја црпи инспирацијата за новиот изглед на Renault од природата. Стратезите на марката очекуваат дека со впечатливиот изглед на возилото ќе привлечат повеќе внимание и разбирање за природните феномени и за акуелните климатски промени.
Идејата за врати што се отвораат спротивно една од друга, со отсуство на средишен столб, не е нова и веќе се користи во серија, во Rolls Royce Phantom, на пример, но и во Ford B-Max. Но, добро е што повеќе производители размислуваат во таа насока. Внатрешноста прикажува елементи од модерниот мебел, сепак студијата се појавува премиерно на саем за мебел.
Синиот лак е омаж на делата на сликарот Ив Клајн. Формата на каросеријата потсеќа на легендарниот Renault 5 и на првиот Twingo, додека бандажите лакирани во зелена боја можат да личат на корали или на крошна од дрво.
Посебно внимание е посветено на аеродинамиката. Маската, на пример, ги води воздушните струи и го намалува вртложењето на ветрот во предниот дел од возилото. Истиот ефект се постигнува и одзади, со аеродинамичниот браник.
Кога ќе се вклучат светлата, Twinz свети како новогодишна елка. Сите светлосни елементи се изведени со диоди, вклучувајќи ги и предните светла. Со нагласените веѓи, Twinz изгледа како да се смее. Диодите се присутни и отстрана, во лента по целата должина на возилото, исто како и во стаклениот покрив. Ретровизорите се заменети со камери. Впечатлив елемент е проѕирниот спојлер, за дополнителен притисок врз задната оска.
Иако Twinz е долг само 3,62 метри, внатре има доволно простор за четири патници, меѓу другото и поради тоа што батериите за погонот на струја се во подот. На тој начин се зголемува висината на седење, но се подобрува и прегледноста над сообраќајот. Седиштата се минимални и со лесна констукција, а зелената рамка изгледа како да е израсната од подот. Тие, се подразбира, исто така имаат светлечки диоди.
Место инструменти се користи средишно вграден монитор на допир, во стил на таблет, преку кој се ракува со сите функции на возилото. Тоа изгледа футуристички, но заштедува и простор.
Студијата е далеку од сериско производство, но марките никогаш не ги прикажуваат своите креации бесцелно. Веќе во следниот нов модел на Французите може да се очекува дел од идеите во Twinz. Во следната генерација на Twingo, секако!
[nggallery id=16]