Приватниот глисер на Феручио Ламборгини се нуди по астрономска цена

Глисерите на италијанската Riva се сметаат како Rolls-Royce на морињата. Но, овој примерок е Lamborghini на морињата. Сопственикот бара астрономска цена за овој уникат, но веројатно ќе добие и повеќе.

Кој бара глисер од најдобрата марка, ќе го најде кај Riva. Тоа што го нуди оваа италијанска марка се смета како Rolls-Royce на морските ширини. Еден глисер е исклучок, и тој е Lamborghini на морските ширини, во буквална смисла. Таткото на автомобилската марка од Сант Агата, Феручио Ламборгини, во 1968 година нарачал Карло Рива да му изработи скап глисер, за и тој да се вклучи во елитата на сопственици, покрај Шон Конери, Брижит Бардо или Софија Лорен. Господин Ламборгини сепак имал неколку посебни желби. Најпосебната е оваа: Во глисерот да се вградат два мотора V12 со зафатнина од по четири литри, преземени од 350 GT, првиот од сите модели на Lamborghini. Со овие мотори, глисерот располага со 700 КС и може да постигне брзина до 48 јазли, односно малку под 90 километри на час. „Обичните“ глисери Riva Aquarama имаат мотори V8 од Chrysler или Chevrolet и постигнуваат брзини само до 40 јазли, односно околу 74 km/h.

Три години на комплетна реставрација кај холандскиот специјалист за Riva

Скапоцениот и брз глисер бил испорачан на 7-ми јуни 1968 година и останал 20 години во сопственост на Феручио Ламборгини, сé додека во 1988 година не му го продал глисерот на пријателот Ангело Мерли. Потоа се губи секаква трага. За среќа, глисерот по многу години бил пронајден од еден Холанѓанец, сокриен под церада во едно бродоградилиште. Тој го предал ексклузивниот глисер на реставрација во Riva-World во холандскиот Уитхорн, кој важи како еден од најдобрите специјалисти за Riva во светот.

На глисерот било работено цели три години, за секој детал да биде вратен во перфектна состојба. Трупот е прелакиран со 25 слоеви лак, дрвениот ентериер е реставриран, седиштата се обложени со нова кожа, сите команди се заменети со нови. Оригиналните мотори се заменети со нови мотори V12 и се модифицирани исто како да биде конструирани за вградување во глисерот. Во музејот на Феручио Ламборгини се наоѓа еден од оригиналните мотори.

Уникатот сега се нуди на продажба, со оригиналните документи и со комплетно документирање на реставрацијата. Засега само се претпоставува вредноста што ќе ја постигне луксузниот глисер на основачот на Lamborghini. Се спомнуваат два милиони евра, но некои познавачи ценат дека тоа е далеку под реалната вредност. Стандардните глисери од типот Riva Aquarama се продаваат за 400.000 евра, додека олдтајмер Lamborghini 350 GT во совршена состојба чини околу 300.000 евра.

 

Претходна објаваНаследникот на Citroen C5 ќе се продава само во Кина
Следна објаваТест: Ford Focus 1.6 TDCi Titanium

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here