за

Претставена новата Alfa Romeo Giulietta во Аутомобиле СК

Малото парче Италија во нашава држава, салоните на Аутомобиле СК, денес поттикна нов бран на посети од алфистите со претставувањето на новата Giulietta. Понудата стартува со посебно формирана цена од 18.490 евра.

По најавите од шефот Маркијоне за големото враќање на миланската марка на светската автомобилска сцена, пристигнува и локална потврда за веродостојноста на плановите на Италијанците. Новата Giulietta, како еден од традиционалните столбови во продажбата на Alfa Romeo, од денес се продава на македонскиот пазар со специјална цена за основниот дизелски модел од 18.490 евра, наспроти редовната цена од 21.400 евра.

Втората серија на Giulietta однадвор се препознава по хромираната рамка на маската, традиционалниот „скудето“, како и по модифицираната основа на магленките. На избор стојат и три нови металик лакови – перла мунлајт, блу анодиѕато и бронзо – заедно со три нови дизајни на бандажи со големина од 16 до 19 инчи.

Средната од трите турбодизелски варијанти 2.0 JTDM 16V отсега постигнува 150 КС (претходно 140 КС) и вртежен момент од 380, наместо 350 њутнметри, што е повеќе од кој било конкурент во класата. Во исто време и потрошувачката на глобално најпродаваната верзија на мотор е намалена за 0,3 литри, на 4,2 литри на сто километри.

Во внатрешноста се забележуваат новата форма на кожениот волан, бојадисаната рамка околу арматурната табла и комплетно новата средишна конзола со нов концепт на ракување. Новитет е мултимедиската единица uconnect, која уште во основното ниво располага со дисплеј на допир од 5 инчи, блутут, гласовна контрола, читач на СМС пораки, приклучок USB и интуитивно користење на менијата. Новите седишта имаат подобрена странична поддршка и нов дизајн на облогите, а во топ моделот Quadrifoglio Verde дури и арматурната табла е обложена со кожа.

На македонскиот пазар се нудат три мотори, основниот бензинец 1.4 со 120 КС, дизелот од 1,6 литри со 105 КС и дволитарскиот дизел со 150 КС, од кои последниов е основното јадро во моделското освежување на Giulietta. Кон крајот на годината Alfa Romeo ќе ја претстави и изведбата на дволитарскиот дизел со 175 КС и можност за доплата за менувач со двојна спојка Alfa TCT.

Традиционално за италијанската премиум марка со спортски гени, веќе основното ниво Progression нуди богата опременост: Контрола на стабилност и електронска блокада на диференцијал Q2, клима уред, радио Uconnect, магленки, систем старт стоп, темпомат и алуминиумски бандажи од 16 инчи. Вообичаено за македонската Alfa, дополнителната опрема се нуди по мошне пристојни цени, со аудио систем Bose за 850 евра, спортско подвозје за 350 евра или паркинг сензори за 400 евра.

Од претставувањето на првата серија во 2010 година, на европскиот пазар се продадоа преку 200.000 примероци од Giulietta. На италијанскиот пазар, Giulietta повеќе месеци беше број еден во продажбата на модели од компакт класата, со сензационално учество од 16,8 проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Руски регистерски таблички за автомобилите во Крим

Mercedes со рекордна мартовска продажба