По пет години, Корејците го обновуваат својот најмалечок модел i10. Според производителот, новакот нуди комфор што е вообичаен за следната повисока класа. Премиерата е во септември, во Франкфурт.
Деталите од дополнителната опрема, како автоматски клима уред, греење на воланот или радарски темпомат, откриваат дека новиот Hyundai i10 ќе се обраќа на значително поширок круг на купувачи од претходникот, односно на клиенти што во оваа класа на модели не ја гледаат само ниската цена. Безбедноста исто така ќе биде на завидно ниво за класата, со контрола на стабилност, шест воздушни перници и контрола на притисокот во гумите.
Новата генерација на Hyundai i10 е подолга за 8 сантиметри, поширока за 6,5 сантиметри и пониска за 5 сантиметри. Корејците тврдат дека на предните седишта и на задната клупа може да се очекува значително поголема просторна понуда, што го поддржува и фактот дека од педалите до задниот потпирач има 1,89 метар. Багажникот исто така порасна, за 10 проценти, и сега нуди пристојни 252 литри.
Hyundai i10 користи нова платформа, со меѓуоскино растојание зголемено за пет милиметри. За целосно да се искористат предностите на новата платформа и да се достигне стандардот на повисоката класа, подвозјето е оптимирано за динамично возење и за ниско ниво на бучност. Дизајнот потекнува од европскиот центар на Hyundai, под раководство на Томас Биркле. Хексагоналната маска ја открива припадноста на моделот во семејството на корејската марка.
Гените на техниката на Hyundai i10 исто така потекнуваат од центарот за техника и развој на марката во Риселсхајм, Германија. Возилото е прв модел на Hyundai од сегментот А, што за европскиот пазар ќе се произведува и во фабриката во Турција, која посебно за овој модел неодамна доживеа модернизација и проширување на капацитетот на 200.000 возила. Околу 95 проценти од претходникот завршија на европска почва. Производството во турскиот Измит ќе стартува во септември, паралелно со моделот i20. Актуелната генерација на i10 на нашиот пазар стартува со редовна цена од 9.490 евра, со клима уред и комплетна електрика за комфор.