Шестата генерација на култниот Camaro доаѓа со намалена тежина, поткусена каросерија, но и со најмоќниот мотор за врвната изведба SS со 455 КС. Има и четирицилиндарски мотор за основната верзија.
Култното американско купе пристига во шестата генерација, со олеснета каросерија и широка понуда на мотори за да понуди повисока динамика во возење. Chevrolet нуди шест мотори за новиот Camaro, вклучувајќи дволитарски бензинец со турбонатполнење и четири цилиндри како основа на понудата, додека врвот е резервиран за V8 од 6,2 литри со 455 КС, за верзијата SS. Сите мотори се достапни во комбинација со шестстепен мануелен менувач или автоматски менувач со осум степени.
Техничарите на GM ја зголемија крутоста на каросеријата за 28 проценти, истовремено намалувајќи ја нејзината тежина за 60,5 килограми. Со оптимизација на тежината на секој дел од возилото, вкупната заштеда во тежината достигна 90 килограми. Носачот на арматурната табла е изработен од алуминиум, што донесе заштеда од 4,2 килограми, исто како и водилките на предните и задните тркала (-12 kg). Ефектот од намалувањето на тежината и подобрувањата на возните својства: Најмоќната верзија на Camaro SS постигнува побрзо време на патека од верзијата на претходникот со тркачки пакет 1LE.
Моторите се невообичаено „модерни“ за американски модел
Целото подвозје е преработено, со мултилинк предна и задна оска, а за Camaro SS за првпат се нуди и приспособлива амортизација. За сите модели е достапна опцијата за сопирачки Brembo, додека во SS истите следуваат како стандард. Основен мотор е дволитарски турбобензинец со 205 КС и забрзување до 60 mph (96 km/h) за помалку од шест секунди. По него следува нов 3,6-литарски V6 со 250 КС, како најсилен атмосферски мотор во сегментот. Со примена на нови технологии се цели и кон врвна штедливост: Директно впрскување, променлива фаза на брегастите вратила и исклучување на два цилиндра при ниско оптоварување. Во Camaro SS е сместен 6,2-литарскиот V8 од Corvette Stingray, со модификации во околу 20 проценти од компонентите, вклуичувајќи и нови издувни гранки „tri-Y“. Со 455 КС и 617 њутнметри, ова е најсилниот сериски SS во историјата.
Во дволитарскиот турбомотор се користи систем за потиснување на звукот од моторот, со генерирање посебен звук со спротивна фаза. Кому му пречи отсуството на звукот на моторот, може да доплати за озвучување Bose, којшто произведува вештачки звук – американското уво не е навикнато на четирицилиндарски звук. Посилните мотори исто така имаат резонатори коишто го пренесуваат звуот од моторот во кабината. За обата модела е достапен дворежимски издув, со електронски контролирани вентили коишто го заобиколуваат придушувачкиот лонец при забрзување, за поинтензивно звучно доживување, плус за подобри перформанси. Возачот и дополнително може да го избере неколку степени на звукот на моторот.
Задржан е препознатливиот дизајн на култното американско купе
Каросеријата е скусена за шест сантиметри, стеснета за два и спуштена за три сантиметри. Аеродинамиката доби приоритет при развојот на каросеријата, па може да се забележат детали со таа функција, како мини ламели во рабовите на предната маска, коишто го насочуваат воздухот да кружи околу тркалата, заради намалување на отпорот. Притоа не се изгуби препознатливоста на стилот на Camaro.
Ентериерот се разликува значително од претходникот, со кокпит ориентиран кон возачот, но повторно препознатлив за Camaro, како едно од најзначајните спортски купеа на американската автоиндустрија. Таблата со инструменти комбинира аналогни мерачи со дигитален дисплеј од осум инчи. Вториот дисплеј во средишната конзола исто така е со пречник од осум инчи и служи како кориснички интерфејс за мултимедискиот систем MyLink.
Интересен детал се контролите за климатизацијата, изведени како прстени околу отворите за воздух во средишната конзола, како детал што овозможува возачот да го задржи погледот на патот при ракувањето. Електронски регулирана паркирна сопирачка е стандард, со што се ослободи дополнителен простор во средишната конзола. Осветлувањето во кабината е изведено со светлечки диоди, коишто имаат спектар од 24 бои, вклучувајќи и транзициски ефекти. Типично американски кичесто е „кар-шоу“, коешто го менува целиот спектар на бои кога ќе се паркира Camaro.
















