за

Прв тест на електричниот BMW

Главните детали беа познати веќе долго, единствено остана непознато како вози новиот автомобил на BMW. На сопсвената тест патека на BMW во Мајзах за прв пат тестираа специјализираните новинари.

Баварците го чуваат последниот детал околу изгледот на возилото за официјалната премиера во септември, за салонот во Франкфурт, и поради тоа на дел од каросеријата на тест возилата сé уште има фолија за камуфлажа. Но, сосема е јасно за која марка се работи, тоа непогрешливо го откриваат „бубрезите“ во предната маска. Разликата со другите модели на BMW е единствено во тоа што овие хромирани прстени се затворени во внатрешноста, поради тоа што не мора да се обезбедува воздух за ладење на погонот. Овој BMW вози на струја.

Електромобилот е долг четири метри, а формата потсеќа на миниван. Колку што е иновативен погонот, толку е иновативен и каросерискиот концепт, иако идејата многу подобро ја реализира Ford B-Max. Назад се пристапува преку малечка врата која што се отвора наназад и тоа е решение што е преземено од Mini Clubman, иако тој има задна врата само од едната страна. Мал проблем може да биде тоа што задната врата не може да се отвори ако претходно не е отворена предната. Во отсуство на класичен средишен столб, металната структура за заштита при страничен судир е изведена во задната врата, а во неа се вградени и намотките за безбедносните ремени за предните седишта.

Ниско тежиште за подобро лежење на патот

Каросеријата е составена од карбонски делови кои што се споени со лепење, но окото тоа не може да го препознае. Тоа што може да се види се необичните облоги на вратите, кои што се изработени од свилени конци што се пресувани во фолија. Ова решение изгледа фантастично, но целта повеќе беше да се заштеди во тежината на возилото, и тоа на секое можно место. Место од челик, завртките се изработени од алуминиум, арматурната табла е закачена на држачи од магнезиумски лив, а средишната конзола е изработена од плексиглас. Со батериите возилото тежи 1.200 килограми и тоа е голем успех за електричен автомобил.

Седиштата се поставени повисоко поради тоа што во подот на возилото се наоѓаат батериите. Речиси целиот простор меѓу оските во должина од 2,57 метри е пополнет со нив. Само на батериите отпаѓаат 230 килограми. Предноста од вградувањето на тешките батерии ниско во возилото е спуштање на тежиштето на возилото, а тоа влијае директно врз возните својства на ванот што е висок 1,58 метар.

Хибридниот синхронен мотор со интегрирана погонска електроника, полнач и генератор за повраток на енергијата при сопирање е сместен на задната оска. Оваа конструкција гарантира доволно тракција во секакви услови на возење. Дополнително има и компресор за ладење на батериите. Со моќноста од 170 КС и вртежниот момент од 250 њутнметри, кои што се на располагање уште од првиот вртеж на електромоторот, i3 спринтува до 100 километри на час за само 7,2 секунди.

Дополнителна предност на електромобилот при градско возење е малиот круг на вртење од само 9,8 метри, што произлегува од фактот што во носот на возилото има на располагање многу простор и погонската механика не го попречува свртувањето на тркалата. Во прилог на возливоста во град одат и 2,5-те вртежи на воланот меѓу крајните положби.

Со досег меѓу 130 и 160 километри, односно 200 километри во модусот EcoPro+, компактниот електромобил на BMW целосно ги задоволува потребите за дневна мобилност. Кој сака уште поголема автономија или стравува да остане на пат со празни батерии, BMW ќе нуди верзија со двоцилиндарски бензинец кој потекнува од мотоциклите на марката и ги полни батериите во случај истите да се испразнат. Тест возилата не располагаа со дополнителниот мотор за кого што е предвиден посебен простор во багажникот.

Истовремено со подготовките за пуштање на i3 во продажба, BMW работи и на изградба на сопствена мрежа од полначи. До стартот на продажбата ќе бидат инсталирани околу 2.500 вакви станици на територијата на Германија. Повеќето корисници сепак ќе ги полнат батериите дома. При мрежен напон од 220 волти полнењето трае осум часови, а на повисок напон нешто повеќе од еден час, до 80-процентна наполнетост на батериите.

[nggallery id=75]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Проекциски дисплеј преку мобилниот телефон

Hyundai ќе произведува половина милион возила во Европа