за ,

Прво возење: Dacia Sandero, Sandero Stepway и Logan

Од некаде тече, од некаде капе, важно бизнисот да врви. Тоа што другите го постигнуваат со дузина модели, Романците го умеат со една моделска тројка. Сите имаат подеднакви заслуги во успехот, сите влегуваат заедно во нова генерација.

Толку е логично. Кога марка што веќе има изградено имиџ на производител на евтини и издржливи возила ќе се подосвежи во техниката и изгледот според актуелните барања на пазарот, со што уште повеќе ќе се нагласи евтиното и издржливото, успехот не смее да изостане. Dacia е марка што повеќето од автомобилските концерни посакуваат уште денес да ја имаат во понудата, но посакувањето и остварувањето се две различни работи. Renault оствари.

Во втората генерација на триото Sandero, Sandero Stepway и Logan се препознава физиономија на изградена марка. Евтиниот изглед замина во историјата, место тоа доаѓаат каросерии со дотеран стил, со изненадувачки напредни детали во техниката и во опремата, а сепак со цена што не отстапува од онаа на претходникот. Уште сега може да се прогнозира: Ова трио ќе постигне уште повеќе од претходното. А тоа не е малку.

[nggallery id=47]

Романската марка доби лице, се препознава дека е Dacia

Основната порака во дизајнерскиот израз на новата генерација на модели на Dacia, поставен со ванот Lodgy, е квалитет и моќ. Сите три модели имаат заеднички нос, додека кај претходникот само се навестуваше дека се работи за модели што припаѓаат на исто семејство. Кај лимузината Logan најмногу се забележуваат промените во појавата. Во стилот и во разработката на деталите, Logan се приближува до моделите од компакт класата, задржувајќи ја елеганцијата и едноставноста на класичната линија која што се покажа крајно успешна кај претходникот.

Посредувањето на чувството на квалитет продолжува и во ентериерот, надополнето со стил, ергономија и детали во завршната изработка на кои што претходно не се ни помислуваше. Во зависност од моделската верзија, арматурната табла е во темна боја или во комбинација од две контрастни бои, со масивни форми, кои укажуваат на издржливоста, како основа на марката. Поскапите моделски верзии имаат дури и хромирани детали на отворите за воздух, на воланот и на рачката на менувачот. Дека тука работеле дизајнери се препознава и по тоа што рамката околу средишната конзола во поскапите модели е во иста боја со рачките на вратите и со средината на воланот.

[nggallery id=45]

Ниту ситни пропусти не се дозволуваат

На инструментите се добиваат повеќе информации, меѓу другото за надворешната температура, за просечната потрошувачка, за автономијата, како и за километражата до следното сервисирање. Некои грешки од минатото се поправени. Во претходникот Sandero, на пример, посегнувањето по командите за климата беше отежнато кога рачката на менувачот се наоѓаше во третиот или петтиот степен. Затоа, пак, тој што веќе има искуство со Dacia ќе биде среќен што положбата на прекинувачите за прозорците е непроменета, односно на средишната конзола. Еден површен поглед на списокот на дополнителна опрема открива дури и кожени облоги на седиштата, како и за воланот и рачката на менувачот.

Од изненадувања не може да се дојде до здив. Системот Media Nav веќе доживеа премиера во вановите Lodgy и Dokker, и сосема логично, истиот се нуди и во Sandero и Logan. Со екран од 18 сантиметри кој реагира на допир лесно се ракува со функциите на менито, а системот нуди и блутут, за говорни команди и за струминг на музика од надворешен извор, како и USB. Последниов приклучок има и допонителна корисност, затоа што преку него се обновуваат мапите за навигацијата.

Техниката во Dacia повеќе не заостанува зад Renault

Најголемиот напредок сепак е постигнат во техниката, и соодветно на тоа, во чувството во возење и во ефикасноста на погонот. Сервоуправувањето сега е стандардно во целата гама на модели со мотори Еuro 5. Во новиот впечаток учествува и значително подобрената изолација на кабината. Дополнителни облоги се поставени во просторот за мотор и околу ветробранот, со што до патниците допира пречистен и прифатливо тивок работен звук. Погледот во заптивките на вратите открива дека техничарите не пропуштиле да го прочепкаат и ова подрачје, од кое исто така може да произлезат непосакувани звуци во возењето.

На првото возење во Србија го проверивме и новиот мотор во Dacia, трицилиндарецот со зафатнина од еден литар, со турбонатполнење и со ознака TCe 90. Овој врвен производ на трендот на даунсајзинг се одликува со смирена работа, единствено во последната четвртина од работното подрачје се јавува карактеристичниот звук на трицилиндарците. Но, со турбина и со вртежен момент којо се послужува мошне рано, уште пред 2.000 вртежи, TCe нема потреба од високи вртежи. Целта не е постигнување високи перформанси, туку висока штедливост. Во тоа Dacia успева повеќе од кој било друг конкурент во оваа класа на цени, каде што обично се вози со релативно стара и веќе исплатена техника.

Бензинецот со 90 КС е најпогоден мотор

Трицилиндарецот влијае и врз возните својства, затоа што натежнува врз носот со 15 килограми помалку отколку претходникот од 1,6 литар. Според норма, потрошувачката изнесува точно 5 литри на сто километри, но сосема се задоволителни и оние седум литри што се постигнуваат во реалноста. Така уште еднаш се потврдува дека евтиното возило треба да биде евтино не само при купувањето, туку и во експлоатацијата. Одржувањето исто така е поевтино отколку кај стариот мотор 1.6, покрај фактот што за погон на брегастите вратила се користи синџир, кој трае колку и самиот мотор.

[nggallery id=46]

Бестселерот на Renault останува 1.5 dCi, кој во последното освежување ослободува 20 њутнметри повеќе, што се огледува во перформансите и во потрошувачката. Дизелот со 90 КС е достапен во сите три модели, додека верзијата со 75 КС се нуди само за Logan и Sandero. Со солидна испорака на вртежен момент од ниски вртежи, потребата од посегнување по рачката на менувачот е значително смалена, како во градско возење, така и на отворен пат. Тоа повторно се рефлектира врз потрошувачката.

Основниот мотор е бензинецот 1,2 16V со 75 КС, во Sandero и Logan. Романците продолжуваат да го промовираат погонот на автогас како алтернатива за дизелот, и тоа е мошне прифатено во поширокиот регион. Моторот од 1,2 литар, во верзијата со погон на автогас, се одликува со поедноставено одржување и дотерувањето на зјајот на вентилите е потребно на 120.000 километри, односно исто колку и кај другите мотори. На одредени пазари е достапен и 1.6 MPI со 80 КС.

Повеќето од моторите се достапни со Eco Mode, односно со автоматски старт стоп и програмирана работа на помошните агрегати, вклучувајќи го и клима уредот. Ефектот од гаснењето на моторот на семафор е заштеда во горивото од десетина проценти, што не е за занемарување. Како дополнителна помош за возачите што се свесни за економичноста и за животната средина, на инструментите светнува и симбол што препорачува кога да се изврши промена во повисок или понизок степен.

И претходниците беа просторни, овие се уште повеќе

Просторноста е уште еден од носителите на имиџот на Dacia. Со 1.387 милиметри во висина на рамењата, триото нуди најширока кабина во класата, додека ширината од 1.417 милиметри во висината на лактите на задната клупа е недостижна во класата на Logan. Уште повеќе простор има назад, со 1.389, односно 1.434 милиметри кај лимузината, и 1.393 и 1.436 кај комбилимузината.

Практичноста не е занемарена. На врвот на арматурната табла има преграда, додека во џебовите во задните врати собира шишиња од 0,5 литар и од 1,5 литар во предните врати. Лимузинската каросерија на Logan ја покажува најголемата предност во опашот: Тука стои на располагање багажник со волумен од импресивни 510 литри, односно колку во лимузините од средната класа. Новитет во Logan е и поделената задна клупа, во повисоките нивоа на опрема.

Освен при купувањето на возилото, ценовната предност на Dacia се огледува и во дополнителната опрема, која што е за 20 до 50 проценти пониска отколку кај конкурентите. Системот за навигација, на пример, кај Романците се добива за околу 250 евра, додека темпоматот чини 150 евра. Безбедноста сепак не смее се изостави. Сите модели со мотор според нормата Еуро 5 излегуваат од фабрика со контрола на стабилност, со помош при нагло сопирање, како и со автоматско вклучување на дневните светла.

[box type=”shadow” ]Успешната приказна продолжува
Dacia воведе револуција на пазарот на автомобили. За прв пат купувачите со помал буџет можеа да си дозволат нов автомобил место да ризикуваат со користен. Со шест нови возила во минатата година, моделската понуда на Романците е најмлада меѓу европските марки. Најстариот модел е теренецот Duster, кој беше претставен пред три години. Во исто време Dacia е марка со најбрз раст во Европа, со осумкратно зголемување на продажбата од 2005 до 2011. До средината на минатата година се продадоа два милиона возила, од 2004 година. Освеженото трио ја продолжува традицијата, додавајќи квалитет и современа технологија во концептот на возилото, без притоа да се наруши основниот столб на марката, пристапната цена.[/box]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најдобрите цитати за автомобилите

Во „Светот на тјунингот“ успеваат само најбрзите и најсилните