за

Првиот тркачки Porsche 911 се враќа во живот

Прв старт, прв успех. Во 1965 година, Porsche заврши на второто место во својата класа на релито Монте Карло. Првиот натпреварувачки 911 темелно ќе се реставрира во матичната куќа.

Менаџерите на спортската марка од Цуфенхаузен планираа уште од стартот на продажбата да го пуштат новиот 911 да се трка на патеките низ светот. Тоа и се случи. По три месеци од почетокот на сериското производство, точно на 1-ви јануари 1965 година, „единаесетката“ се хомологираше во класата GT, а само неколку денови подоцна тркачот Херберт Линге и инженерот Петер Фалк да стартуваа на релито Монте Карло.

Кај голем број експерти постоеше сомневање дали автомобилот воопшто ќе ја заврши трката и ќе ја мине целната линија. Каросеријата беше целосно идентична со онаа на серискиот модел. Единствена надворешна разлика беа петте дополнителни светла и стартниот број 147 на вратите. Но, имаше и интересни детали. Црвениот 911 располагаше со примитивен уред за комуникација меѓу возачот и совозачот, како предводник за модерните системи без кои што денес не може да се замисли учество на која било трка – се работеше за најобично пластично црево кое што ги спојуваше возачките шлемови.

Со мала модификација, од дволитарскиот боксер со шест цилиндри беа извлечени 160 КС. Класичното тјунирање за тоа време значеше полирање на вшмукувачките канали, брегасти вратила со поостри брегови, трикратен карбуратор и полирани вшмукувачки цевки, како и спортски издувен лонец. Покрај тоа, возилото располагаше со 100-литарски резервоар, скусен преносен однос во менувачот, блокада на диференцијал и модифицирано спортско подвозје. Со тежина од 1.030 килограми, првиот тркачки Porsche 911 постигнуваше крајна брзина од 210 километри на час. Брзината сепак имаше споредна улога на релито. Во 1965 година, релито се возеше по длабок снег и само 22 од 237 возила ја минаа целната линија.

Сопственикот на првиот 911 побара целосна реставрација на возилото во Porsche Classic, буквално до последната завртка. Деловите што не може да се користат натаму ќе се заменат со нови, а лакот целосно ќе се отстрани од каросеријата. Како што ќе напредуваат одделните фази од реставрацијата, првиот тркачки примерок од моделот, кого познавачите го именуваат Линге/Фалк-911, ќе се појавува редовно на меѓународните салони и на тркачките патеки. Минатиот викенд возилото се појави во првата фаза од реставрацијата, со целосно соголена каросерија и без грам лак, на трката на олдтајмери во Нирбургринг.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

„Волнена Буба“ победи на собирот во Травеминде

Mercedes произведува повеќе од кога било досега