Пред 90 години, браќата Масерати го претставија првиот автомобил со нивното име и со прочуениот тризабец како заштитен знак на марката.
Светот го доби првиот автомобил од марката Maserati пред 90 години. Италијанската фирма дотогаш се занимаваше со развој на тркачки автомобили за другите производители и беше мошне ценета по својата работа. Браќата Масерати, меѓу другото произведуваа и свеќички за палење. Успесите на тркачките патеки и искуството во автомобилската техника беа повод браќата Масерати да започнат ново поглавје и да го изработат првиот автомобил со нивното име. Уште оттогаш, тризабецот е заштитен знак на италијанската спортска марка. Maserati Tipo 26 беше првиот во долгата серија тркачки автомобили и уште од старт ја докажа својата надмоќ во однос на конкурентите. Tipo 26 уште при првиот настап на трка, на 25-ти април 1926 година, постигна победа во својата класа на прочуената Тарга Флорио на Сицилија.

Следеа уште повпечатливи успеси и легендарни модели. Во 1963 година, марката воведе револуција на автомобилската сцена со претставувањето на Maserati Quattroporte, како прва спортска лимузина во светот. Марката со тризабецот денес го привлекува вниманието со својот прв спортски теренец Levante, стандардно опремен со пневматска амортизација, напреден погон на сите тркала Q4 и со новата генерација бензински и дизел мотори од лимузината Ghibli.
















