По премиерата на 124 Spider: Остана ли нешто оригинално во марката Fiat?

Ако во логото пишува Fiat, тоа не мора да значи дека автомобилот навистина е Fiat. Тој може да биде и Citroen или Peugeot, Mitsubishi или Mazda, да доаѓа од Јапонија или од САД. Голема збрка се случува во италијанската марка.

Се сеќавате на италијанската марка Fiat? На гигантот од Торино, кој некогаш произведуваше повеќе автомобили и од Volkswagen, покривајќи ги сите можни сегменти од пазарот со сопствен модел, на оној Fiat што во средината на 1970-те години се рекламираше со слоганот „Fiat – секоја големина, секоја моќност, од 18 до 180 КС“. Се сеќавате на X 1/9, на Ritmo, Uno, Dino, 132, 127, 128, 131… Италијанската марка некогаш умееше секоја можна бројка да ја претвори во успех.

Тоа е автомобилот на кого се повикува Fiat со новиот 124 Spider. Легендата на маркта се претвори во Mazda
Тоа е автомобилот на кого се повикува Fiat со новиот 124 Spider. Легендата на марката се претвори во Mazda

Во меѓувреме, матичниот концерн Fiat S.p.A. стана италијанско-американска корпорација Fiat Chrysler Automobiles, холдинг регистриран во Холандија и со седиште во Лондон, Велика Британија. Многу земји околу едно име, зар не?

Но, настрана историјата и огромното влијание што Fiat го има постигнато во развојот на автомобилската техника или во освојувањето на пазарот. Тоа што е актуелно: Fiat во моментов го претставува својот најнов родстер, автомобил со име што на секој љубител на марката и на автомбилизмот воопшто, му значи многу. Fiat 124 Spider доживува премиера на „домашен“ терен, на салонот во Сан Франциско. Легендата на марката се враќа по половина век откако Fiat го претстави оригиналниот Fiat 124 Spider во 1966 година. Тоа ќе беше сензационална вест, доколку под каросеријата на родстерот не се криеше техника од Mazda MX-5.

Fiat 124 Spider е Mazda, Fiat Fullback е Mitsubishi, Fiat Scudo ќе биде Renault

Но, неговото височество Fiat, со овој чекор не прави нешто што и досега не го правел – или нема да го прави и во иднина. По Spider следува и Fiat Fullback, пикап што само козметички измени го разликуваат од оригиналот Mitsubishi L200. Неверојатно е колку марки се доведуваат во врска со некогашниот италијански гигант – надвор од сопствената корпорација: Citroen, Peugeot, Ford, Opel, Renault, Mitsubishi, Mazda…

Дури и најголемиот хит на марката од Торино не е „независен“. Во септември 2005 година, Fiat потпиша спогодба со Ford, за заеднички развој на мал автомобил. Fiat 500 технички е идентичен со Ford Ka. Двата модела се произведуваат заедно во специјално изградената фабрика во полскиот Тиши, на платформа што потекнува од претходната генерација на Panda. Овој вид на соработка е вообичаен во класата на малечките возила, каде што трошоците за развој на нов модел кој треба да ги задоволи строгите актуелни норми се далеку повисоки од профитот што може да го постигне само еден производител. Истото, сепак, го прават и Citroen, Peugeot и Toyota, со нивните модели C1, 107 и Aygo.

Мексиканскиот Dodge Journey e Fiat Freemont во Европа – и во Австралија

Друг пример е семејниот ван Fiat Freemont, модел што е „изработен“ според принципот на беџ-инженеринг. Под изработка, тука се подразбира само замена на оригиналното лого на Dodge Journey со логото на италијанската марка. Освен оваа најрадикална измена, сменети се и предниот и задниот браник, а се вградуваат и поцврсти пружини, според вкусот на европските возачи. Fiat Freemont имаше премиера на салонот во Женева во 2011 година. Производството е во Мексико. Под името Fiat Freemont, американскиот ван е достапен и на пазарот во Австралија.

Што би рекле на овој факт: Fiat Doblo може да биде и Opel Combo. Може и обратно, затоа што овој мултифункциски автомобил ја користи платформата GM Fiat Small Wide, развиена во времето кога Fiat имаше цврсто партнерство во General Motors. Производството е во Турција. Малку назад во тоа време, последната Fiat Croma исто така имаше заедничка платформа со Opel Vectra.

Тоа што Fiat го сервира како Jeep Renegade, во основата уште има гени од Opel

Уште еден модел што е пристојно распространет по европските земји го користи приципот беџ-инженеринг. Триото Fiat Qubo, Citroen Nemo и Peugeot Bipper во основата се еден ист автомобил. Платформата на овие возила исто така потекнува од бракот со General Motors и за првпат се користеше кај Fiat Grande Punto во 2005 година. Истата платформа ја користат и Opel Corsa D и „новата“ Corsa E, Meriva, Opel Adam, Fiat 500L, турскиот Fiat Tipo, Jeep Renegade, Fiat 500L, Fiat 500X. Многу се. Производството е кај Tofas, во Турција.

Моделот од кој се срамат поклониците на Jeep е исто толку Opel колку што е Fiat
Renegade, од кого: Моделот од кој се срамат поклониците на Jeep е исто толку Opel колку што е Fiat

Една стара соработка уште е во добро сеќавање. Fiat Sedici беше Suzuki SX4 со сменето лого. Настрана фактот што овој модел за Fiat беше вистинска утка, а огромен успех за Јапонците. Во меѓувреме се смени ситуацијата и Fiat го има Jeep под својот покрив. Секако дека таква шанса не смее да се пропушти, за популарната платформа од Grande Punto да не се искористи за изведување нова двојка, Fiat 500X и Jeep Renegade. Овој „џип“ се произведува во Мелфи, од годинава и во Бразил, и во себе уште ги носи гените од соработката на Fiat со General Motors.

Тројката со Peugeot и Citroen има традиција, но следи замена – со Renault

Комбинацијата од Fiat, Citroen и Peugeot се повторува и во поголемата класа мултифункциски возила. Scudo, Jumpy и Expert се едно исто. Оваа соработка сепак трае многу подолго, уште од генерацијата на триото од 1995 година. Од 2013 година и Toyota се приклучи со своето лого, за верзијата ProAce. Производството на моделите е во Франција, во Sevel Nord. Тука наскоро следува уште една смена. Наследникот на Fiat Scudo од следната година ќе ја користи како основа платформата од Renault Trafic.

Во кој дел од светот марката Fiat ужива статус на издржлива и цврста марка за купувачите да се стрчаат по Fullback?
Во кој дел од светот марката Fiat ужива статус на издржлива и цврста марка за купувачите да се стрчаат по Fullback?

Следи и Fiat Fullback, односно Mitsubishi L200. Италијанците планираат да го продаваат пикапот во Европа и на Средниот Исток. Поверојатно е сепак дека продажбата во најголемиот дел ќе се одвива на Средниот Исток, а можеби ниту таму. Имиџот на Fiat тешко се вклопува во перцепцијата за издржливост и робусност на пикап.

Европа, исто така, тешко ќе го прифати новиот Fiat 124 Spider, знаејќи дека основата потекнува од Mazda MX-5. Но, можеби ќе успее во САД, таму купувачите се повеќе навикнати на беџ-инженеринг. И поимот звучи некако повеќе американски.

Претходна објаваКинезите избираа автомобил на годината: Победник е Geely GC9
Следна објаваАмериканскиот пазар на пат кон рекордна година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here