Британскиот Auto Express дојде до скиците од новиот Suzuki Swift, на кои што се гледа дека еволуцијата на моделот продолжува во истиот правец. Врз овој модел се базира имиџот на марката на европскиот пазар.
Постоечката генерација на Suzuki Swift беше претставена во 2010 година и со изгледот не се разликуваше многу од претходникот, иако стануваше збор за комплетно новоразвиен модел. Во тој поглед, на Јапонците им се „допадна“ стратегијата на Mini. Британскиот Auto Express веќе ги објави првите скици на коишто се гледа дека ниту идниот Swift нема да отстапува од воспоставената шема и ги следи препознатливите црти на претходниците. Впрочем, не постои причина да се менува формулата што успева на пазарот, Swift е еден од традиционалните носители на имиџот на Suzuki и постигнува солиден континуитет во продажбата.
Следната генерација на моделот настапува со помодерна линија, со заоблени форми, покрив што се спушта наназад и со впечаток како покривот да „лебди“ над кабината. Кај верзијата со пет врати се забележува дека рачките се „сокриени“ во рамката на прозорецот. Во секој случај, Swift ја задржува симпатичноста. Моторите ќе бидат преземени од Baleno, кој е непосредно пред пазарен старт. Понудата ќе ја сочинуваат еднолитарски BoosterJet со 112 КС и 1,2-литарски DualJet со 90 КС. Kако опција за DualJet ќе стои на располагање и благ хибриден систем, со стартер-генератор кој ја искористува енергијата при сопирање и му потпомага на бензинецот при поаѓање и забрзување. Заради почит кон традицијата, не би требало да отсуствува и традиционалниот Swift Sport. Новиот Swift може да се очекува во салоните на Suzuki веќе в година.
















