Автомобилот на рок-легендата Џенис Џоплин достигна 1,76 милион долари на соноќешното наддавање во Њујорк. Со тоа, психоделичниот Porsche стана најскап модел „356“ во историјата.
Наддавањето за автомобилот на рок-легендата Џенис Џоплин синоќа заврши со 1,76 милион долари во познатата аукциска куќа Сотби во Њујорк. Тоа е повеќе од четирипати над првично проценетата вредност од 400.000 долари за историскиот примерок на Porsche 356 C 1600 SC Cabriolet од 1964 година. Со тоа, кабриолетот лакиран во психоделични бои стана најскап примерок на Porsche 356 во историјата. Дури и моделите 356 Carrara што се ценат високо во круговите на колекционерите обично завршуваат „само“ со шестцифрена вредност. Но, кога зад автомобилот има богата и значајна историја, очигледно дека и стандардните верзии на моделот можат да постигнат астрономски вредности од преку еден милион долари.
Досегашни сопственици на 356 C Cabrio беа братот Мајкл и сестрата Лора Џоплин, а во последните 20 години возилото беше изложено како експонат во Куќата и музеј на славните на рокенролот во Кливленд.
















