за

Политиката ги расипа менувачите на Volkswagen

Гигантот од Волфсбург реагираше на политичките притисоци врз марката во Кина и стартуваше акција за проверка и евентуална поправка на менувачите. Сега истата услуга ја бараат и возачите во Европа. Но, и во двата случаи, проблем не постои!

Откако Volkswagen го отпочна огромниот сервисен повик во Кина за возилата од марките на концернот, за проверка и поправка на менувачите со двојна спојка DSG, возачите од Германија се почувствуваа запоставени што нивната најдомашна од сите домашни марки не го спроведува повикот и на германскиот пазар. Ситуацијата се вжешти неочекувано, Volkswagen мораше да реагира на поплаките од сопствениците на возила со менувач DSG. Концернот бесплатно ќе ја изврши потребната поправка, доколку кај возилата што ќе бидат повикани во сервис се воочи проблемот. Пред кусо време, Volkswagen повика во сервис 400.000 возила во Кина, поради можни проблеми со менувачот со двојна спојка.

Гласноговорникот на концернот, Петер Тул, ја смирува топката и наведува дека поради малиот број на потенцијално проблематични возила нема причина во Германија да се отпочнува исто толку обемен сервисен повик како во Кина: „Но, ние сакаме да им помогнеме на купувачите“. Со други зборови, Тул им кажува на своите сонародници дека причина за загриженост не постои, исто како што не постои проблем со менувачите со двојна спојка DSG.

Кина го измисли проблемот, поточно кинеските марки и кинеските политичари, со цел да постават спрепка за постојаниот и интензивен раст на продажбата на коцнернот Volkswagen на азискиот пазар. Германскиот концерн ја стартуваше сервисната акција единствено со цел да ја зајакне довербата на кинеските купувачи и да ги одоброволи потенцијалните нови клиенти.

Очигледно е дека странските марки им пречат на стратезите на кинеската авто индустрија, откако плановите нивните марки да се вивнат на глобалниот, па макар и на домашниот пазар, доживеаја апсолутно фијаско. Нечесните намери беа согледани откако пропадна и обидот автомобилите од премиум марките да се оцрнат со измислени поплаки од измислени сопственици на возила, за наводно ширење на штетни аромати од пластиката што се вградува во тие возила.

Проблемот во Кина е од друга природа

Тул истакнува дека не постои директна поврзаност со проблемите со менувачите поради кои што беше повикана сервисната акција во Кина: „Тие проблеми се од друга природа и од различните климатски услови, од густиот сообраќај во мега градовите и софтверот на возилата за кинескиот пазар.“ Кај возилата во Кина беше наводно констатирана погрешна функција на контролната електроника за менувачот DSG, односно недоволен притисок на масло во мехатрониката на менувачот, што водеше кон прекин на преносот на сила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Новиот Mercedes од класата C доаѓа в година

Огромен интерес за последните 78 возила на Saab