за

Погонот на струја бара спас во гасните турбини

Големиот проблем на погонот на струја е малиот досег на возилата. Со вградување на мала гасна турбина може да се надмине тој проблем, но и погонската техника ќе поевтини.

Фанатиците на мотоспортот отсекогаш сонуваат за автомобил со млазен погон. Нивниот сон може наскоро и да се реализира. Барем во одредена мера. Инженерските одделенија на повеќето автомобилски куќи веќе развиваат такви мини погонски агрегати, но нивната цел нема да биде уривање брзински рекорди туку примена во возила со погон на струја и хибридни возила со приклучок во струја.

Иако светските политичари настапуваат пред јавноста со огромен ентузијазам во поглед на погонот на струја, факт е дека со актуелната техника, возилата на струја уште долго време нема да успеат да го потиснат конвенционалниот погон од улиците. Toyota, на пример, во минатиот септември објави дека го одложува на неодредено време долгонајавуваниот старт на нејзиниот автомобил со погон на струја eQ. Јапонскиот гигант оцени дека досегот, цената на возилото и времето за полнење на батериите не соодветствуваат со очекувањата на купувачите.

Нешто мора да се преземе. Не може да се остави времето да минува и да се чека индустријата да измисли подобри и поевтини батерии. Тоа може да се оддолжи до недоглед. Единственото решение што го видоа техничарите е да се направи отстапка од чистиот погон на струја и за повторно да се побара помош кај конвенционалната теника, заради зголемување на досегот на возилата.

Гасната турбина презема откако ќе се испразнат батериите

Во игра се неколку различни концепти: Компактен ванкел мотор, горивна ќелија со погон на водород, двоцилиндарски бензинец или стирлинг мотор. Во зависност од концептот, овие мотори го потпомагаат погонот, ги полнат батериите или ги вршат обете работи. Но, досега ниту еден од овие концепти не ги убеди техничарите.

Audi A1 e-tron: Идејата на Audi да се користи компактен и смирен ванкел мотор како помошен мотор исто така има потенцијал за иднината, но ефикасноста е на страна на турбината
Audi A1 e-tron: Идејата на Audi да се користи компактен и смирен ванкел мотор како помошен мотор исто така има потенцијал за иднината, но ефикасноста е на страна на турбината

Можеби во тоа ќе успее микро гасната турбина. Нејзината единствена задача ќе биде производство на струја за полнење на батериите при возењето. Турбината вовлекува воздух, го компримира и на крајот ја согорува смешата од воздух и гориво. На крајот, врелите издувни гасови ја задвижуваат турбината, а нејзиното движење се претвора во струја со помош на генератор.

На овој начин се зголемува досегот на возилото, но од друга страна се намалува и бројот на батерии во возилото. Микро турбината е поевтина од батериите кои што ќе се заштедат во возилото. Единствено ограничување е димензијата на турбината, затоа што возилата на струја и без тоа се преоптоварени со батерии и контролни единици.

Chevrolet веќе најави дека догодина ќе го замени 1,4-литарскиот бензинец со помал и поевтин мотор во електричниот Volt
Chevrolet веќе најави дека догодина ќе го замени 1,4-литарскиот бензинец со помал и поевтин мотор во електричниот Volt

При иста тежина, микро гасната турбина ослободува 20 пати повеќе моќност од конвенционален мотор со внатрешно согорување. Bladon Jets е една од фирмите што имаат постигнато најголем напредок во оваа технологија. Фирмата од британскиот Ковентри соработува со Jaguar Land Rover во развојот на гасна турбина со пречник до 30 сантиметри, која што тежината на возилата на струја и на хибридните возила ја смалува за 15 проценти. Поради тоа што турбината се користи само за полнење на батериите, а не и за погон, нема потреба од дополнителни компоненти за пренос на силата.

Турбината може да работи со различни погонски горива

Друга предност на ова решение, турбината да не се користи за погон, е можноста таа да работи со постојана брзина, со што се зголемува нејзината ефикасност. Најголемата предност на оваа техника е фактот што микро гасната турбина може да работи со повеќе погонски горива, односно со дизел, метанол или автогас. Кога флексибилната турбина е наместена правилно, согорувањето е речиси стопроцентно.

Секое возило бара посебен систем

Комплетното согорување овозможува исполнување и на најстрогите норми за издувни гасови, без потреба од дополнителен третман на издувот. Поради отпаѓањето на потребата од катализатор, се намалува цената на техниката, но се заштедува и вреден простор. Предностите се многубројни, но постои еден недостаток побива сé: Секој модел има потреба од различна турбина, односно големината, тежината и моќноста на тубините се разликува за секое возило и за секоја примена.

Jaguar е на пат да ја реализира идејата со гасна турбина која што беше прикажана со концептот C-X75. Според производителот Bladon Jet, партнер на Jaguar во оваа идеја, тоа може да се случи веќе по две години
Jaguar е на пат да ја реализира идејата со гасна турбина која што беше прикажана со концептот C-X75. Според производителот Bladon Jet, партнер на Jaguar во оваа идеја, тоа може да се случи веќе по две години

Верувањето дека турбините произведуваат пеколна врева е неиздржано. Вратилото се врти со екстремно високи брзини и речиси е нечујно и без вибрации. Покрај тоа, одржувањето и сервисирањето се минимални. Многумина производители се убедени дека микро гасните турбини наскоро ќе станат дел од секојдневието, ако не во семејните автомобили, тогаш во автобусите или во градежните машини. Фирмата Bladon Jets е многу блиску до стартот и очекува верзија на нивната турбина со моќност меѓу 12 и 15 киловати да се појави на пазарот веќе по две години. За нова технологија со сите нејзини предности, тоа е мошне кусо време.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ЕУ притиска за пореални вредности за потрошувачката

Новиот Peugeot 308

Ексклузивно · Peugeot 308 може да го наследи само нов Peugeot 308