Овој Bugatti од 1928 година со сериски број 4914 се вбројува меѓу најсочуваните тркачки автомобили од периодот. Речиси целиот мотор и сите механички компоненти во возилото се од првото вградување, исто како и кожата на седиштата и лакот на каросеријата. Сето тоа му донесе на Bugatti 35B награда за најдобро сочуван автомоби од експертите на светската деферација на историски возила.
Bugatti Type 35B произведен во 1928 година со сериски број 4914, овековечен во автомобилската историја како победник на првата трка за големата награда на Монако, доби одликување за сочуваноста од Меѓународната федерација на историски возила (FIVA). Почесната награда се доделува на возила што се од особено историско значење и ја имаат сочувано оригиналната состојба, без сменети делови, материјали или изработка.
Тркачкиот Bugatti Type 35B е изработен во Молсхајм, Франција, во февруари 1928 година, а победата ја постигнува Вилијам Чарлс Фредерик Гровер-Вилијамс, на првата трка за големата награда на Монако на 14-ти април 1929 година. Во првите две сезони, автомобилот го возеле големите имиња во мотоспортот, меѓу кои Луј Широн, Роберт Бено и Рене Драјфус, постигнувајќи победа на други четири трки за голема награда. Од 1931 година, „35B“ бил повлечен од трките и се користел како патнички автомобил. На наддавање во 1954 година, Едмунд Ескудие станал сопственик на скапоцениот модел, кој останува во негова сопственост до 2005 година, кога автомобилот им бил продаден на сегашните сопственици.
Примерокот со сериски број 4914 се вбројува меѓу најсочуваните тркачки автомобили од периодот. Под неколкуте слоеви лак што биле нанесени во тркачката историја уште се наоѓа оригиналниот фабрички лак, додека речиси целиот мотор и сите механички компоненти исто така се фабрички. Дури и кожените ремени на хаубата и седиштата се оригинални, исто како и леснометалните бандажи.
















